Треба да се поминат неколку филтри во Бугарија за да има решение на спорот со Македонија, рече бугарскиот премиер Кирил Петков, наведувајќи ги како филтри МНР, Владата, коалициските партнери, парламентот… на Бугарија.
Како премиер, рече Петков, не преземам никакви обврски самостојно, рече тој во изјава на тема за тргање на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
– Ако нешто се случува на таа тема, тоа прво треба да биде на ниво на Министерството за надворешни работи, потоа да помине во владата, кај коалицијата, да се донесе одлука меѓу коалициските партнери, потоа да влезе во парламентот и таму да се реши за да може да се преземат некакви ангажмани. Процедурата е многу јасна и многупати јасно ја повторувам. Лажна вест е дека премиерот имал некаков самостоен договор, изјави Петков.
Коментарот на бугарскиот премиер доаѓа откако во посета на Софија беше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој изрази очекување во рок од три недели Бугарија да се согласи за тргање на ветото и старт на преговорите на Македонија со ЕУ.
– За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички јазик и поддршка од Бугарија за започнување на преговарачкиот процес со РС Македонија во јуни, напиша Вархеји на Твитер по вчерашната средба со Петков.