Направивме нешто неверојатно, за првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за БНР.

Тој додаде дека Скопје веќе има избор за сопствената иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето „за“ францускиот предлог во бугарскиот законодавен дом и натаму Софија не може да сноси одговорност.

– Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција, рече Петков додавајќи дека и самите, како што ги нарече, северномакедонски партии излегле на голем протест против предлогот.

Според Петков, тоа што бугарските позиции се заштитени од Брисел укажало на неверојатно успешна дипломатија која лично ја поздравил.

Во интервју за БНР тој образложи што ќе се случува доколку Македонија одлучи да го прифати предлогот.

– Ако С. Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на С. Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел, а дека Македонија треба да биде дел од Европската Унија.

Во врска со политичката криза во земјата Петков повтори дека се додека поединци од опозициските партии се инволвирани во корупција, ПП нема да води дијалог со нив.

– ПП нема да преговара со Слави Трифонов, Бојко Борисов, Дељан Пеевски и Костадин Костадинов. Имаме дијалог со ДБ и БСП. Мојот сон е да видам влада и парламент што не се контролирани од марионетски луѓе, а лидерите се независни. Луѓето кои имаат проблем со ПП, со мене како премиер, со Асен Василев како министер за финансии се тие на кои им застанавме на патот за да не ги трошат јавните средства на стариот начин, рече Петков.