Д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести вечерва информираше дека има починати од корона кои биле вакцинирани и со три дози.

-Според извештаите, во јануари 6-мина вакцинирани со три дози починале, од кои најмладиот е 48-годишен човек. Четворица од овие шестима имале коморбидитети како карцином, дијабетес и нарушено здравје, рече д-р Петличковски во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Според него, постојат неколку причини зошто имаме висок број на починати од почетокот на пандемијата, а тоа е полошо здравје, недоволна имунизација, недостаток на медицински лица…

-Имаме релевантен дефицит во кадарот, тоа не се решава преку ноќ, појаснува Петличковски.

Докторот потенцира дека протоколи за лекување постојат, но се различни кај матичните лекари.

-Веројатно достапноста до нив била проблематична. Тие не се наменети за општата популација да ги чита и да се лекуваат сами. Сепак сакам да упатам апел лекарите да не даваат антибиотици на заболените во првите четири дена со инфекцијата, рече Петличковски, додавајќи дека клиничар доктор треба да процени кога и дали има потреба од тестирање и проверка на крвна слика.

-Се тестира и кога треба и кога не треба. Треба да се направат индикации кога треба да се анализираат д-димери.