Граѓаните ќе плаќаат поголеми даноци, но сакаат парите да завршат во развојни цели, а не кај поединци или групи, односно да имаат подобри и поквалитетни услуги, вели Благица Петрески од Фајнанс тинк во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
– Сивата економија е еден значаен извор на финансии каде што Владата во следниот период ќе треба да посвети поголемо внимание и од тука да црпи дополнителни извори на средства. Во истражувањето кое го направи Фајнанс тинк покажа дека најголемо намалување кај сивата економија се постигнало во 2008-та година со преминот од прогресивен кон рамен данок. И да бидеме јасни можеби тоа намалување не е заради преминот од прогресивен кон рамен данок, туку многу повеќе заради општото намалување на даноците во делот на личен доход. Тоа е еден аспект, доколку не интервенирате преку даночните стапки, вториот аспект на интервенција и справување со сивата економија да ги зајакнете административните капацитети, пред се капацитетите на инспекторатите за борба против неформалната економија. Тука треба да го напоменеме и даночниот морал, односно убедувањето на даночните обврзници дека – да ќе плаќам поголеми даноци, но тие средства ќе завршат за развојни цели, а нема да завршат за цели на поединци или на мали интересни групи, вели Петрески.