Тодор ПЕТРОВ

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) со индигнација го отфрла Решението на Уставниот суд од седницата одржана на 30 ноември 2022 година, за отфрлање на иницијативата од Светскиот Македонски Конгрес за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за Претседател на Собранието на Република Македонија, донесена на собраниска седница одржана на 27 април 2017 година, број 08-1108/1 од 2 мај 2017 година (“Службен весник на Република Македонија” број 53/2017 од 8 мај 2017 година). Со образложение дека престанала нејзината важност со крајот на мандатот на Собранието на 15 јули 2020 година и дека “Одлуката за избор на претседател не е општ пропис, туку претставува поединечен акт за кој Уставниот суд не е надлежен.“

СМК потсетува дека со иницијативата од 9 мај 2017 година побара Уставниот суд на Македонија врз начелата на приоритет и итност, до донесувањето на конечно решение за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оваа Одлука, поради ризик од натамошно вршење на кривични дела од Кривичниот законик: велепредавство (член 305), терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313), злоупотреба на службената положба и овластување (член 353), лажно претставување (член 391) и самовластие (член 392).
СМК ги обвинува уставните судии за злосторничко здружение со Владата и парламентарното мнозинство, имајќи ја предвид востановената пракса во намерата за суспензија на уставно-правниот поредок и правата и слободите на граѓаните: Иницијативите ги држат во фиока до застареност за неповедување постапка, со образложение, актот чие преиспитување на уставноста и законитоста се бара, повеќе не важи, или Уставниот суд се прогласува за ненадлежен да решава со образложение “актот не е пропис по кој е надлежен да постапува Уставниот суд, туку претставува поединечен акт за кој не е надлежен“!

СМК информира дека, покрај иницијативата до Уставниот суд на Македонија, на 26 мај 2017 година, претседателот на СМК Тодор Петров поднесе барање и до Управниот суд за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија поради заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, а поради незаконски дејствија на Собранието во изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на 27 април 2017 година.
По барање на Управниот суд од 16 јуни 2017 година, Тодор Петров го усогласи барањето за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија и усогласеното барање повторно го достави до Управниот суд на Македонија на 7 јули 2017 година, со дополнително барање од 30 август 2017 година, Управниот суд да го изземе управниот судија Газменд Фејзули кој го работи барањето на Тодор Петров по изборот на Талат Џафери, поради тоа што Судскиот совет на Македонија го одздеде имунитетот на пет управни судии Билјана Никодиновска Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзуљи поради осомниченост за злоупотреба на судиската функција во партиски цели и судско решавање на приговори за изборни нерегуларности во 2013 година, пред, за време и по локалните избори.

За жал, Управниот суд на Македонија на 14 ноември 2018 година донесе Решение за отфрлање на барањето на Тодор Петров за заштита на слободите и правата против Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, со образложение дека “управен спор не може да се поведе против општ акт на органите и институциите со јавни овластувања од причина што со овој акт не се уредуваат поединечни односи и истиот е донесен во форма на пропис“.
На 7 декември 2018 година Тодор Петров поднесе жалба до Врховниот суд на Македонија против Решението на Управниот суд.

По барање на Врховниот суд на Македонија, Државниот правобранител на Македонија за Скопје, како законски застапник на тужениот – Собранието на Република Македонија, на 13 мај 2019 година со одговор на жалба од Тодор Петров против тужената страна Собранието на Република Македонија, а во врска со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, предложи Врховниот суд на Македонија да ја отфрли жалбата на Тодор Петров како неоснована, бидејќи Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија “не е поединечен правен акт, туку претставува општ правен акт, за чие оспорување не е надлежен Управниот суд на Македонија“!

На 21 октомври 2019 година Врховниот суд на Македонија донесе Решение со кое жалбата на Тодор Петров против Решението на Управниот суд за отфрлање на барањето за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието се одбива како неоснована и го потврдува Решението на Управниот суд на Македонија.
СМК ја разобличува лицемерноста на Уставниот суд на Македонија и Управниот суд односно Врховниот суд на Македонија. Имено, на 30 ноември 2022 година, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на СМК од 9 мај 2017 година за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието со образложение дека “е поединечен акт за кој Уставниот суд не е надлежен да решава“, бидејќи одлучува само по општи акти! А, на 21 октомври 2019 година, Врховниот суд на Македонија го отфрли барањето на Тодор Петров од 26 мај и 7 јули 2017 година, за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието со образложение дека “е општ акт за кој Управниот суд на Македонија не е надлежен да решава, Управниот суд на Македонија одлучува само по поединечни акти“!
СМК информира дека повторно ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд да ја поништи одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието во мандатниот период 2016-2020 година, врз основа на Решението на Врховниот суд дека, Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието не е поединечен акт, туку општ акт по кој е надлежен Уставниот суд на Македонија! Истовремено, СМК ќе побара Уставниот суд да донесе одлука дали во време на важењето на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, Одлуката била во согласност со Уставот, Закон и Деловникот на Собранието?!

СМК потсетува на злосторничкото здружение на Уставниот суд со Владата и парламентарното мнозинство: По иницијатива на СМК за поништување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија донесена на седница на Собранието одржана на 18 јануари 2016 година а “со нејзина примена од 24 февруари 2016 година“, Уставниот суд на Македонија на 18 февруари 2016 година донесе Решение У.бр.9/2016 со кое не поведе постапка поради ненадлежност, бидејќи Одлуката “не претставува општ правен акт“ по кој е надлежен да постапува Уставниот суд на Македонија, туку поединечен акт по кој не е надлежен да постапува Уставниот суд на Македонија, иако тројца судии (д-р Наташа Габер, Сали Мурати и Исмаил Дардишта) од вкупно девет уставни судии имаа издвоено мислење дека, Одлуката за распуштање на Собранието има карактер на општ пропис по кој Уставниот суд Е надлежен да одлучува! По иницијатива на Талат Џафери, пак, за поништување на истата Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија донесена на седница на Собранието одржана на 18 јануари 2016 година а со “нејзина примена од 24 февруари 2016 година“, Уставниот суд на Македонија донесе Одлука У.бр.104/2016-0 од 18 мај 2016 година за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието донесена на седница на Собранието одржана на 18 јануари 2016 година и Одлука У.бр.104/2016-1 од 25 мај 2016 година со која ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието од 18 јануари 2016 година, бидејќи “претставува општ правен акт“ по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува?!

СМК го повикува Јавниот обвинител на Македонија да поведе постапка против уставните судии, бидејќи извршиле злоупотреба на службената положба и овластување, самовластие и злосторничко здружение: Намерно не одлучуваа по иницијативата за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието поднесена на 9 мај 2017 година, туку ја отфрлија дури на 30 ноември 2022 година, иако мандатот на Талат Џафери од 2016 заврши 2020 година!