Почитувани идни мои колеги, демократските вредности и слободи се толку втемелени во нашето секојдневие, но тие се кревки и затоа треба повторно и повторно да укажуваме дека борбата за демократија, слободна еднаквост никогаш не запира, им порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на студентите кои беа дел од денешната „9-тата НАТО студентска симулација: НАТО по Самитот во Мадрид“, во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија.
Обраќајќи се до студентите, Петровска посочи дека треба да бидат гласни за вредностите и за се тоа што Алијансата го штити.
– НАТО е можност, НАТО е безбедност, но и економска шанса. НАТО претставува огромна шанса за сите вас. Речиси секогаш нашите пораки се зацврстена стабилност, втемелена безбедност и сигурност на секоја НАТО територија. И тоа е најважниот сегмент од нашите животи, да бидеме безбедни, стабилни и сигурни. НАТО е многу повеќе од тоа, НАТО е политичко-воена алијанса на земји чии лидери и граѓани делат исти цели и исти вредности и исти принципи, истакна Петровска во своето обраќање.
Додаде дека сите 30 сојузници на Алијансата веруваат во демократијата, слободата и еднаквоста и тоа не се само флоскули, туку збир на суштински принципи што го обликуваат нашето живеење.
– Денешната безбедност ја покажува на реалноста ја покажува важноста на Алијансата и се тоа што таа го претставува. Има суштинска разлика помеѓу НАТО и оние кои се обидуваат да внесат немир и растрој. Тоа се оние кои во Европа во 21 век донесоа уништување и човечки страдања, посочи министерката и додаде дека Алијансата и во однос на руската агресија врз Украина имаше одговорен и умерен пристап.
Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани во своето обраќање до студентите порача дека се генерација која е добро поткована со евроатлантските вредности, подготвени да ги практикуваат.
– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг има 12 млади лични советници и 12 сениори, малку поискусни советници, така што секоја година тој добива сугсетија од младите како и што понатаму со НАТО вредностите. Шансите се ваши, можете да конкурирате и мислам дека сте спремни сте да влезете во таа конкуренција каде се ангажирани многу млади, вели тој и додава дека само во седиштето на НАТО има 5 200 вработени и ангажирани луѓе.
Истакна дека НАТО не е само воено оружје, напротив, нуди многу можности.
Извршниот директор на Бизнис клубот, Светозар Јаневски им порача на студентите да гледаат и да размислуваат надвор од контурите и сивилото на политичките партии.
– Немојте да влегувате во тој дел, бидете самостојни во размислувањата бидејќи нас ни требаат луѓе како вас кои се креативни и енергични. Не припаѓајте на тоа што најлесно се одлучува, или да си заминете од државата или да се приклучите на политичка партија. Бидете приклучени во политичка партија, но имајте свое мислење, бидете свои, додаде Јаневски.
НАТО симулацијата претставува младински самит на кој се симулира состанок на Северноатлантскиот Совет на ниво на шефови на држави и ќе се разгледуваат глобалните прашања непосредно по самитот во Мадрид и моменталните предизвици за Алијансата. Настанот им овозможува на студентите одблиску и подлабоко да се запознаат со прашањата на НАТО, безбедноста и меѓународната политика, овој пат со посебен осврт на глобалната безбедносна слика и местото на партнер земјите од Југоисточна Европа.