Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со новинари информираше за процесот на модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија со кој во континуитет се менува ликот на Армијата и се зголемува нејзината борбена готовност.
Зборувајќи за модернизацијата, за која рече дека е од најголем обем во изминатите децении, министерката порача дека станува збор за сеопфатни повеќегодишни проекти со кои стандардите на НАТО се воведуваат и во македонската Армија.
– Една третина од одбранбениот Буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира. Набавуваме оклопни возила од типот на JLTV Oshkosh, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери Stryker како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3. Го потпишавме и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка. Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати 5 понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција, истакна министерката Петровска.
На прашањето дали со одлуките за воена помош на Украина се нарушува борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека тој и Генералштабот стојат целосно зад одлуките кои беа предложени на Министерството и донесени од страна на Владата и дека со тие донации на никој начин не се нарушува борбената готовност на Армијата.
– Апсолутно со ништо никогаш не е нарушена борбената готовност на нашата Армија, впрочем се ослободивме од источно вооружување и опрема кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме Армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилност со нашите сојузници во НАТО, рече Ѓурчиновски.