Македонија засега нема донесено нова одлука да испрати воена помош за Украина, иако неодамна во рамки на Министерскиот состанок на министри за одбрана што се одржал минатата недела во Брисел до земјите била доставена листа на потребна опрема.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека во консултации со ГШ на Армијата ако има можност да се излезе во пресрет на дел од потребите тоа ќе биде направено, а јавноста ќе биде информирана.
–Минатата недела се одржа Министерски состанок на министри за одбрана во Брисел. Меѓу другото, имаше и сесија посветена на Украина, како центар на случувањата во овој подолг временски период. Беше поделена поголема листа на опрема која и е неопходна, а која заради сензитивноста е класифицирана. Во консултација со ГШ на АРМ доколку има простор и можност да се одговори позитивно на дел од тие побарувања, апсолутно ќе биде предложена до Владата повторно таква одлукаа, а за тоа ќе бидат известени медиумите и јавоста. Сега засега ја согледуваме нивната листа на побарувања, рече министерката во одговор на новинарско прашање.
Во врска со тоа дали Македонија може да добие воена опрема од членките на Алијансата како некаква компензација за опремата што и ја даде на Украина, каков што е случаот со некои други земји, Петровска вели дека таква директна помош не добиле, но оти е голема финансиската поддршка што ја добива земјава.
-Еден од постулатите на кои фунционира НАТО Алијансата е грижата на сојузниците едни за други. Неодамна пред неколку недели јавно соопштивме, МО и Амбасадата на САД во земјава, дека за оваа година, до овој момент на РСМ и е доделена финансиска помош од 78 милиони долари. Ова е поприлично голема сума финансиски средства споредено со сета помош што претходно ја имаме добиено, рече Петровска по Годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во РС Македонија (2021-2026).
Таа, појасни министерката, ќе биде првенствено наменета за проекти кои веќе се започнати и се однесуваат на модернизацијата на Армијата, за набавка на нова опрема. Сето тоа, рече, ќе биде во согласност со актите, документите за развој на капацитетите и способноста на нашата Армија.
-Така што, директно може не, но, на некој начин треба да го забележиме вниманието и поддршката што ја добиваме од сојузниците во НАТО, истакна Петровска.