Одлука за испраќање наши војници во Украина нема и нема да има. Македонија е членка на НАТО и ние како земја членка ќе ги почитуваме и спроведуваме сите одлуки кои се носат во рамки на Алијансата, затоа што сме составен дел и од процесот на носењето на тие одлуки.
Ова го потенцираше министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска по одбележувањето на Денот на баталјонот за специјални сили на Армијата во скопската касарана „Илинден“. Таа додаде дека досега земјава се придружи на санкциите што беа воведени од страна на ЕУ.
Во однос воената помош за Укрина, министерката Петровска појасни дека се работи за воена опрема и вооружување согласно побарувањата на украинските власти.
– Нивното барање кон нас беше класифицирано и од тие причини и нашата одлука е се уште класифицирана. Но, сметавме дека како чин на транспарентност, јавноста заслужува да биде информирана дека таква одлука сме донеле и заради тоа ја дадовме таа куса информација дека донесовме одлука за воена помош на Укрина, изјави Петровска.
Прашана од новинарите за воената помош, Петровска истакна дека таа е согласно капацитетите со кои ние располагаме и е во согласност со барањата од украинската страна. Министерката нагласи дека јавноста треба да знае дека со оваа донација не се намалува капацитетот и вооружувањата на нашата Армија.
– Листата што беше испратена е практично испратена до сите сојузници и е многу голема, содржи многу ставки од различен профил. Она на што ние можевме да излеземе во пресрет, излеговме апсолутно, појасни министерката за одбрана.
На прашањето дали се подготвуваме доколку е потребно за прием на бегалци од Украина, Петровска информира дека министерствата добиле задолженија да ги разгледаат капацитетеите што се во нивна сопственост и на нивно располагање, колку се тие се функционални и дали би можело да се стават на располагање.
Таа најави дека во скоро време и Владата ќе излезе со подетална информација околу тоа кои капацитети би ги ставиле на раполагање за евентуално сместување на бегалци.
– Имаме предвид дека очекуваме при ваква воена агресија дека ќе има и огромен бран бегалци. Точната рута на движење на граѓаните кои бегаат од воените жаришта сега за сега не се движи кон нашата држава. Но, апсолутно како земја која е дел од НАТО и веќе деклариравме дека сме солидарни со случувањата, ќе понудиме капацитети во рамки на нашите можности, рече Петровска.
Според неа, би се користеле капацитети кои беа користени, а се во сопственост на МО, и во претходните бегалски кризи, но и КОВИД кризата. Тие сега се во фаза на проверка, каква им е состојбата и дали можат да бидат ставеи во функција.
Во однос на забрана за емитување на некои руски медиуми, министерката Петровска повтори дека ние сме дел од општата одлука донесена во рамки на тоа да се спроведат целосни санкции кон Руската Федерација, затоа што и сојузниците и другите земји кои не се членки на Алијансата оценија дека станува збор за воена агресија, која во овие услови е недозволива и оти има енормно кршење и на човековите и на меѓународното право. Од тие причини, истакна Петровска, се и санкциите кои ги воведуваме.
Има редовен дијалог со синдикатите, се решаваат отворени прашања
Министерката Петровска денеска информираше дека има редовни средби со сите синдикати во Армијата и до овој момент нема информации за тоа дека за сите војници нема организиран превоз и нема доволно вода за пиење.
По денешното одбележување на Денот на баталјонот за специјални сили на Армијата на Република Македонија, во касарната „Илинден“ во Скопје, таа информираше дека се води редовен дијалог со синдикатите за отворени прашања, кои, како што рече, во скоро време ќе се решат.
Таа посочи дека е дадено задолжение, без оглед на тоа „што ја знаеме позадината на дезинформациите“, како што рече, писмено да биде известена каква е состојбата по овие прашања.
Одбележaна 28-годишнината од формирањето на армискиот Баталјон на специјалните сили
Со формирањето на специјалните сили се означи и почеток на професионализација на Армијата која денес е целосно спроведена и секогаш подготвена да биде гаранција на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска при денешното обраќање на одбележувањето на Денот на баталјонот на специјалните сили на Армијата.
Баталјонот за специјални сили, како што денес е именуван со последната трансформација, познат како „Волци“, според министерката Петровска е единицата во која сите припадници независно дали е војник или старешина поминуваат низ еден процес на селекција кој вклучува специфични критериуми и каде се бара највисок степен на психофизичка подготвеност.
– Токму благодарение на овие исполнети критериуми кои вие ги поседувате, вие сте првата единица која по членството на НАТО успешно го заврши процесот на оценување на борбаената готовност и со тоа станавте првата единица која ги исполни строгите стандарди на НАТО во оценувањето на обученоста, истакна Петровска.
Во врска со резултатите од оценувањето на припадниците на баталјонот на специјалните сили министерката рече дека единицата покажа оти е достојна за почит и со оцена борбено подготвени.
– Со ова не само што покажувате дека е соодветно избраното мото на единицата „Секогаш и секаде први“, туку вие сте секогаш подготвени да продолжите да вложувате во своите способности и знаења, а тоа е видливо и по вашиот професионализам, резултатите и многубројните признанија кои ги добивате од вашите колеги ширум Алијансата, рече министерката за одбрана и најави дека вакви оценувања ќе има веќе на почетокот на наредниот месец на вежбата „Блесок 22“, каде ќе се оценува борбената готовност на лесно-пешадискиот баталјон согласно стандардите за оценување на Здружената команда за операции на НАТО.
Петровска, исто така, рече дека како министерка ќе продолжи да се заложува за унапредување на условите за работа, за подобрување на животниот стандард и за се она што е потребно за подобро и поуспешно извршување на мисиите и задачите од страна нa припадниците на баталјонот.
– Сите вие кои ја носите оваа униформа со години наназад докажувате дека е гордост да се носи униформата на Армијата на Република Северна Македонија и секогаш сте подготвени да им помогнете на своите граѓани и на државата. И токму затоа ја имате и најголемата доверба од граѓаните, потенцираше министерката Петровска.
Заменик началникот на Генералштабот на Армијата, Азим Нуредин рече дека Баталјонот за специјални сили е особено значаен не само за Армијата која оваа година одбележува тридецениски јубилеј, туку и за граѓаните затоа што преку професионалноста и беспрекорноста покажуваат посветеност на висината на поставените задачи.
– Ќе се потсетиме дека изминатата година со успешно завршеното оценување на двата тима вие сте права единица по нашата целосна интеграција во НАТО, која отпочна со остварување на целите способност на Армијата и постигнување на целосна оперативна готовност. Оваа година ќе се продолжи со обука и оценување на останатите тимови заради заминливост на истите, додаде Нуредин.
Тој, исто така, потсети на ангажманот на припадниците баталјонот во справување со пандемијата и нивното учество и голем придонес во гасењето на катастрофалните пожари кои ја зафатија територијата на државата минатата година.
– Со учеството на вежбите и заедничките обуки со вооружените сили на сојузничките армии го потврдивте постигнувањето на главната цел – подобрување на способностите за изведување на операции на специјални сили во координација со конвенционалните сили, зголемување на интероперабилноста, јакнењето на меѓусебните односи и доверба меѓу армиите, потенцираше Нуредин.