Министерката за одбрана Славјанка Петровска одговори на прозивките од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде бараа извинување од неа за нејзините изјави за случајот „Делчевски ниви“.
-Ширењето лажни вести и невистини за наводни притисоци кон пратеникот беше всушност одбрана на криминал. Јавно прашуваме дали во овој скандал на нелегално финансирање се вмешани лица блиски до Христијан Мицкоски? Дали меѓу тие лица се и членови на обезбедувањето на Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ? Очекуваме одговори и од Мицкоски: каква е неговата поврзаност со овој скандал, изјави своевремено Петровска на прес-конференција од пред штабот на СДСМ.
Сега откако ОЈО потврди дека нема никакви докази за гонење за овој случај, Петровска одговара:
-Нема зошто да се извинувам, борбата против мафијата и тефтерчињата од минатото е најтешка. Таа понекогаш трае подолго од очекуваното, но најважно е да се продолжи и да не се откажуваме. Јас ни милиметар не се повлекувам од борбата против криминалот и корупцијата без оглед во чии редови е и затоа на криминалци и штетници не им се извинувам. Кога ќе ги видите ниските проценти на доверба во судството и обвинителството ДПМНЕ немаат многу простор за славење, вели министерката Петровска, пренесе Фокус.
Таа, како и други нејзини сопартијци, и по два мандати на власт на нејзината партија „одбраната од криминалот“ ја темелат на „тевтерчиња од минатото“ во време на криминални фермани додека се на власт.