Со донациите на оружје што и ги даваме на Украина, не се нарушува нашата борбена готовност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа не сакаше да потврди, ниту демантира дека Македонија донирала и воени хеликоптери Ми-24 на Украина како воена помош во борбата со Русија.
Во претходните три одлуки за воена помош на Украина само медиумски беше известено дека се донирани тенкови Т-72 и авионите Су-25. Петровска додава дека нема да се откриваат детали ниту за четвртиот пакет на воена помош кој се подготвува за Украина.
– Самата одлука не треба да се скрие, а одлуките ги класифициравме заради сензитивноста бидејќи нема потреба непријателот да знае за деталите, заради практичност, прагматичност и безбедност. Кога ќе видиме дека нема безбедносен ризик, тогаш нема да има проблем да објавиме. Со донациите не се нарушува нашата борбена готовност, рече Петровска во Студио 10 на ТВ24.