Илинденците се нашиот код, симболот за нашиот непокор, тие ни се мотив да се бориме и за подобро утре на РСМ, порача вечерва министерката за одбрана која со делегацијата што ја предводи премоерот Димитар Ковачевски е во Крушево.

– Со денешната свеченост во историско Крушево и со симболичното кревање на бајракот на слободата во првиот миг на 2-ри август, чествуваме „10 дена Крушевска Република“, чествуваме слободна, независна, безбедна татковина! Крушевската Република ја отсликува нашата богата култура, нашето историско наследство и мултиетничноста и мултикултурализмот кои се дел од нашиот генетски код, објави Петровска на својот профил на Фејсбук.

Таа натаму во објавата додава:

– Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Слободата е нашата победа и затоа да не ја испуштаме од своите раце. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што нѐ осветлува. Тоа е нашата величествена светлина и нашиот оган на кој се грееме. Илинденците се симболот за нашиот непокор и самобитност. Тие се нашиот мотив да продолжиме да се бориме – за подобро утре, за прогресивна држава, за напредок на сите граѓани на С. Македонија.
Нека ни е честит и вековит 2 Август – Денот на Републиката!- напиша Петровска.