Безбедносната состојба во регионот, потребата од интензивирање на евроинтеграциските процеси како начин на унапредување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан, како и развојот на македонско-француската одбранбена соработка, како стратешки партнери и сојузници во Алијансата, биле темите на кои разговарале на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и новоименуваниот специјален пратеник на Франција за Западниот Балкан, Рене Троказ.
Во контекст на интегративните процеси во регионот, соопштија од МО, министерката Петровска порачала дека на евроинтеграцијата треба да се гледа како на безбедносно прашање, особено имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба и обидите за влијание на трети страни врз земјите од регионот. Затоа, потенцирала таа, е многу важно Северна Македонија да не губи време на својот евроинтегративен пат.
– По членството во НАТО, посветени сме на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија. Не треба да губиме време на патот кон членството во Унијата особено што уставните измени кои се очекуваат од С. Македонија само ја потврдуваат земјата како демократска и мултиетничка земја и со ништо не го нарушуваат националниот идентитет. Напротив, внесувањето на бугарското покрај другите малцинства во Уставот засекогаш и става крај на погрешната теза дека сме еден народ во две држави и го потврдува нашиот национален македонски идентитет. Она што ни наштетува е одложувањето на процесот, потенцирала министерката Петровска.
Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ, како што се вели во соопштението, се согласил дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и безбедносно прашање и го пренесе ставот на својата држава дека Македонија припаѓа на европското семејство кое го обединуваат заеднички вредности, просперитет и стабилност.
– Северна Македонија ја има целосната француска поддршка за што поскоро членство во Унијата, порачал Троказ.
Во контекст на билатералната соработка во одбраната, министерката Петровска потенцирала дека Северна Македонија и Франција ја издигнале соработката на ниво на стратешко партнерство. Таа говорела и за процесот на модернизација и опремување, при што истакнала дека еден од клучните системи, системот за против воздушна одбрана, Северна Македонија го набавува токму од Франција, што е потврда за развојот на француската воена технологија, како и за посветеноста на Македонија во брз развој на своите вооружени сили.
– Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ порача дека Франција високо ја цени улогата на С. Македонија како сојузник и фактор на стабилност во регионот, стои во соопштението од МО.
На средбата на Петровска и специјалниот пратеник Троказ присуствувал и францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгартнер, како и Матие Абграл од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Фото: МО