Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата кое треба да се одржи во недела.
Петровска во изјава за медиумите рече дека изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Како причина за откажувањето на изборите, Петровска го посочува и тоа дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече таа, некој користејќи ги алатките, во нивно име ги регистрирал.
– Во определени општински организации се појавуваат одреден број гласачи кои не се дел, односно се само дел од членството на СДСМ, меѓутоа не ја направиле регистрацијата сами и не побарале тие да бидат регистрирани, значи некој друг користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал. Имав забелешка и за она што пред десетина дена се случи, но за тоа се уште немам одговор, тоа е злоупотребата на личните податоци од страна на еден од кандидатите, кога беа испраќани илјадници пораки користејќи ги тие податоци. Партијата започнала со некој процес на внатрешна истрага како е тоа стигнато, кандидатот дал одговор што за мене не е релевантен. Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен, бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат, тоа може да влијае сериозно и на процесот и на резултатот, рече Петровска.
Рече дека ќе се најде на избирачкото ливче во недела, бидејќи избирачките материјали се веќе отпечатени, но истакна дека таа лично нема да излезе да гласа.
– Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи се веќе отпечатени материјалите, меѓутоа јас лично нема да излезам да гласам и се разбира мислам дека тоа треба да го направат и останатите, рече Петровска.
Кандидатот Александар Бајдевски бара итно да се изјаснат надлежните за базата на податоци за членството на СДСМ и за заштита на личните податоци на членството.
Обвинувањата на Славјанка Петровска, кандидатка за лидер на СДСМ, за тоа дека има нерегуларности во предизборната постапка и дека базата на податоци за членството е компромитирана, се сериозни, смета кандидатот Александар Бајдевски.
– Надлежен за базата и за заштита на личните податоци на членството е генералниот секретар на СДСМ. Барам тој, како и комисијата надлежна за спроведување на изборите, итно да се изјаснат за обвинувањата на другарката Петровска – категоричен е Бајдевски.