СДСМ ќе понуди концепт и програма за претстојните избори и за активностите во идната влада. Основање на која било политичка партија во земјава базирани на демократските вредности е за поздравување, а тоа е одлика и на плурализмот, оценува министерката за одбрана Славјана Петровска, која е и член на ЦО на владеачката СДСМ.
-Секое основање на која било политичка партија во РС Македонија чии основи за формирање се црпат од демократските вредности, она што го споделуваме сите ние заедно е за поздравување, зборувам за сите политички партии. Формирање на нови политички партии е одлика всушност и на плурализмот. Во поглед на тоа дали СДСМ стравува од одлив на гласови од која било политичка партија мислам дека во периодот кој претстои, особено во изборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори имаме доволно простор да соопштиме и уште еднаш да потсетиме што се’ изминатиов период беше направено, она што е интересно, она што е важно за граѓаните. Меѓутоа, исто така, уште поважно е да понудиме концепт, да понудиме програма за тоа како ќе настапиме и на изборите, како и што ќе правиме и во идната влада, рече Петровска на новинарско прашање дали СДСМ стравува од губење гласови по најавата од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска веднаш по нејзиното претставување за нов претседател на Нова Алтернатива, за отцепување од коалицијата на СДСМ.
Прашана за коментар за присуството на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ на партиската конвенција на Нова Алтернатива на која беше промовирана Арсовска за нов претседател на партијата, Петровска рече дека тоа е дел од политичката култура.
-Тоа е одлука на партијата и партијата ако добила покана мислам дека кој било претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија, доколку принципите на формирањето на таа партија, се разбира, се демократски и она што сите ние го споделуваме – европските вредности за државата, напредокот на државата. И тоа присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка. Едноставно, тоа е дел од политичката култура, кажа Петровска пред учеството на трибината на Сојузот на борци по повод 80 години од ослободувањето на градовите – државата, на која учествува заедно со минитерките за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Фото: МИА Архива