Претставник на НАТО пред неколку дена бил во Македонија за да ја скенира ситуацијата во земјава во врска со хибридните закани и дојавите за бомби, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Тој, како што објави 360 Степени, ги скенирал капацитетите на институциите и во наредниот период ќе се воспостави подлабока соработка. Петровска ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на воениот полигон Криволак со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

– Веќе се разговара и со која од земјите членки на Алијансата ќе развиеме подетална билатерална соработка токму за адресирање на ова прашање. Знам дека интересот на јавноста е навистина голем и тоа е оправдано, меѓутоа верувајте дека институциите, вклучително и Министерството за одбрана иако не е директно надлежно, но преземаме се за да можеме да излеземе во пресрет за брзо разрешување на овој проблем, изјави денеска Петровска.

Пред неколку дена надлежните ги променија протоколите за постапување при случаи за дојави за бомби, а во врска со дојавите кои се случија минатата недела, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека заканите се испратени од ИП адреси во Иран и Русија, а уплатите за ВПН-услугите биле вршени со крипто-валути.