По првостепената пресуда на Кривичниот суд за случајот ,,Тортура”, за кој обвинетите, меѓу кои беше и екс директорот на УБК Сашо Мијалков, беа ослободени од вина, сега и Вишото обвинителство предлага Апелација да ја потврди ослободителната пресуда.

Поточно, како што дознава ,,Фокус”, зад ваквиот предлог стои вишиот јавен обвинител Јован Цветановски.

-По приемот на предметот „Тортура“, Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно законските надлежности, по проучувањето на списите, го достави предметот до Апелациониот суд Скопје на надлежно постапување со предлог жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје да се одбие како неоснована, ни одговорија од Обвинителството.

Ова значи дека со поднесениот предлог до второстепениот суд, обвинителот Цветановски се спротивставува на барањето на предметниот обвинител Љубомир Лапе, кој поднесе жалба на првостепената пресуда и со неа бара обвинетите да бидат прогласени за виновни.

Првостепената пресуда за овој случај беше донесена пред година и пол, кога
судечкиот совет на чело до судијката Александра Ристеска, остана на ставот дека обвинителот, Љубомир Лапе не ги докажал делата што им се ставаат на товар на обвинетите.

Предметот го отвори поранешното СЈО, а се однесуваше на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори.

Обвинителството тврдеше дека при апсењето на Бошкоски имало мачење, односно била употребена полициска сила, бил легнат на земја во близина на тоалет кај ресторанот „Воденица“, и бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат.