Од влезот во НАТО, С. Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи. За три години С.. Македонија постигна импресивно ниво на воена интеграција во НАТО, посочи на денешната прес-конференција претседавачот со Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, кој е во посета на нашата држава.
Адмиралот Бауер на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека покрај придонесите што нашата држава ги дава на Алијансата, како што е поддршка за борбените групи во Бугарија, Латвија и Романија и на Косово, трупите на Македонија служат под знамето на НАТО во мировна мисија.
-Вие придонесувате и во силите за одговор на НАТО кои ја гарантираат безбедноста и одбраната на сите сојузници. Од влезот во НАТО С. Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи. За три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО адаптирајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО и ја зголемивте вашата имперабилност, рече Бауер.
Петровска на прес-конференцијата потсети дека Македонија заедно со сојузниците во Вилнус ја реафирмираше определбата за вложување на најмалку 2 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната и тоа, како што рече, целосно е реализирано.
-С. Македонија е столб на регионалната безбедност. Ќе продолжиме да придонесуваме со свои сили во мисијата на НАТО на Косово, затоа што сме убедени дека регионалната безбедност и стабилност мора да биде пред се и над се. Само така можеме да создадеме регион кој е просперитетен и кој ќе продолжи да живее во мир и демократија, рече Петровска.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на прес-конференцијата рече дека го информирал адмиралот за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на нашата Армија, операциите кои ги организиравме во земјата, но и НАТО воените операции.