Соработка за мирен и безбеден регион, стабилноста на Западниот Балкан е клучен приоритет за Македонија и Косово, објави министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот официјален фејсбук профил.
– На денешната средба со косовскиот министер за одбрана, Арбен Мехај, разменивме мислења за актуелните геополитички предизвици, за придонесот на С. Македонија во одржувањето на регионалната безбедност и стабилност, вклучително и преку учеството во НАТО мисијата КФОР, напиша Петровска, кој денеска престојува во посета на Косово.
Таа информира дека е потпишан нов Меморандум за соработка, како продолжување на веќе воспоставената соработка што ги опфаќа справувањето со дезинформациите, безбедносната и одбранбена политика, процесот на планирање, програмирање, буџетирање и извршување, медицинската обука и военото образование.
Петровска – Мехај: Ја зацврстуваме соработката за побезбеден и постабилен регион
Стабилноста на Западниот Балкан е клучен приоритет за Македонија и за Косово, а засилената одбранбена соработка е еден од начините како да ги зацврстиме мирот и безбедноста во овој дел на Европа, заклучија министерката за одбрана Славјанка Петровска и косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај, на денешната средба во Приштина.
– С. Македонија како земја – членка на НАТО е сериозно посветена на зацврстување на регионалната стабилност и безбедност. Тоа е предуслов нашите држави да продолжат да се развиваат особено денеска кога имаме нова геополитичка реалност во која е нарушена повеќедецениската безбедност на европскиот континент, нагласила министерката Петровска на средбата.
Во контекст на зајакнувањето на регионалната безбедност и стабилност, Петровска го информирала својот косовски колега дека Северна Македонија останува посветена на придонесот во мисијата КФОР.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, министрите се заложиле да работат на продлабочување на соработката во доменот на кризниот менаџмент при природни непогоди и катастрофи.
Во однос на геополитичките предизвици, на состанокот била осудена руската инвазија на Украина, за што министерката Петровска, се наведува во соопштението, истакнала дека нема место во Европа во 21-от век.
Министерот Мехај се заблагодарил за отвореноста и посветеноста на Македонија во развојот на билатералните односи и вклучувањето во регионалните иницијативи кои се важни за одржувањето на регионалната безбедност и стабилност. Тој упатил благодарност и за учеството на припадниците на Армијата во мисијата КФОР.
Петровска и Мехај го потпишале и новиот Меморандум за соработка, како продолжување на воспоставената одбранбена соработка со Меморандумот од 2010 година. Соработката опфаќа повеќе области како справувањето со дезинформациите, безбедносната и одбранбена политика, процесот на планирање, програмирање, буџетирање и извршување, медицинската обука и военото образование.
Во Приштина, министерката Петровска имала средба и со заменик-командантот на НАТО мисијата КФОР, италијанскиот бригаден генерал Лука Пиперни, кому му се заблагодарила за логистичката поддршка од командата и од италијанската армија на контингентот од Македонија кој во моментов брои 74 припадници на Армијата.
– С. Македонија е столб на безбедноста во регионот и затоа освен 15-годишната логистичка поддршка на оваа мисија, денеска во КФОР придонесуваме и со контингент војници од Армијата на РС Македонија, рекла министерката на средбата. Петровска потенцирала дека државата останува посветена на придонесот во КФОР, за што веќе е во подготвителна фаза новата ротација во оваа мисија од мај 2022 година.
Генералот Пиперни порачал дека војниците од Армијата на Република Северна Македонија во КФОР се посветени и професионални во извршувањето на своите задачи.
Посетата на Косово продолжува со средба на министерката Петровска со контингентот војници од Армијата на Република Македонија стационирани во Регионалната команда – Запад, во Пеќ.