Министерката за одбрана Славјанка Петровска информира за нејзината денешна посета на Париз.
– Официјална церемонија на пречек во Париз со воени почести и интонирање на македонската и француската химна. Во работна посета на Франција и средба со мојот домаќин, францускиот министер за вооружените сили, Себастиен Лекорну во Париз, објави Петровска на својот официјален профил на Фејсбук и видео во живо од пречекот.
По завршувањето на состанокот на министрите за одбрана во Брисел, Петровска денеска отпатува во работна посета на Франција.
Петровска, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, ќе биде официјално пречекана од Лекорну, со највисоки воени почести, интонирање на македонската и на француската химна и постројување на Републиканската гарда и свечените трупи на сите родови на вооружените сили на Франција.
Петровска и Лекорну ќе го потпишат Договорот за соработка во областа на одбраната помеѓу Владата на Француската Република и Владата на Република Македонија, соопшти Министерството за одбрана.
Со потпишувањето на овој договор се предвидува засилување на соработката помеѓу двете земји – сојузнички во Алијансата. Договорот предвидува плодна билатерална соработка во повеќе области, како стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, како и воена едукација.
За време на работната посета на Франција, министерката Петровска ќе се сретне и со директорот на Институтот за високи студии за национална одбрана на Франција, генералот Беноа Дуре, а се предвидува и средба со претставници на француската компанија МБДА, која произведува различна опрема за воената индустрија.
Видеото може да го отворите ТУКА.