Само ако меѓусебно соработуваме и си помагаме, со научените лекциите од историјата, ќе создадеме нови лекции за пример во иднина, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, која од денеска е во дводневна посета на Словенија.

– Двете земји имаат идентични заложби за мир, слобода и демократија. Имаме заедничко минато, но уште поважно –заедничка сегашност и иднина, како дел од најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО. Нашите држави се еднакво посветени гаранцијата на безбедна, демократска, просперитетна иднина за своите граѓани. Само ако меѓусебно соработуваме и си помагаме, со научените лекциите од историјата, ќе создадеме нови лекции за пример во иднина, објави Петровска на својот профил на Фејсбук.

Петровска и нејзиниот словенечки колега Марјан Шарец, на денешната средба во Љубљана ја потврдија заедничката заложба за посилна одбранбена соработка бидејќи двете држави споделуваат заеднички вредности и иста цел – стабилен, мирен и безбеден регион со сигурна европска иднина.

Петровска по средбата со Шарец и по пречекот со воени почести во словенечкото Министерство за одбрана, а во рамки на дводневната официјална посета на Словенија на покана на министерот Шарец, нагласи дека Словенија е наш докажан пријател, сојузник и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија.

– Живееме во комплексни времиња со бројни безбедносни предизвици и затоа како блиски и пријателски земји, и како сојузници во НАТО, мораме да опстанеме на нашиот пат кон уште посилна, уште поинтензивна одбранбена соработка, изјави министерката за одбрана Петровска по средбата.

Петровска и Шарец разговараа и за соработката во контекст на НАТО – мисиите, односно за заедничкото учество во т.н. Зајакнато истурено присуство во Летонија каде македонските мировници се дел од словенечкиот контингент. Тие се согласија дека улогата на НАТО е јасна и прецизна – тоа е одбранбена Алијанса, чија основна цел е безбедност на секоја педа НАТО територија.

Во Љубљана Петровска се сретна и со словенечкиот претседател Борут Пахор, а ќе се обрати и на церемонија за примопредавање на нов музејски експонат, германски противвоздушен топ од Втората светска војна, донација од Македонија во Паркот за воена историја Пивка.

Утре е предвидено Петровска да присуствува на воена вежба која ќе се реализира во Воздухопловната база во Церкље об Крки.