Mинистрите за одбрана на Македонија и на Бугарија, Славјанка Петровска и Драгомир Заков на денешната средба во Софија разговарале за безбедноста по руската инвазија на Украина, безбедноста на Западен Балкан и заедничките воени вежби.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот министер за одбрана Заков изјави дека Бугарија секогаш ја поддржувала евроатлантската ориентација на Македонија, како и членството на Македонија во Алијансата.
– Има многу јасна задача дека нашите идни генерации, никогаш повеќе Балканот, можеби во дел од Западен Балкан, нема да се споменуваат како буре барут на Европа, рече Заков.
Според него, сепак, постојат доста сериозни ризици за земјите од Западен Балкан, за регионот во кој се наоѓаат двете соседни земји, така што како членки на НАТО мора да се направи се што е потребно за да се спречи ширењето на војната во Украина надвор од границите на таа држава.
Министерката Петровска од своја страна рече дека Бугарија има сојузник на нејзината западна граница.
– Неиспровоцираната агресија врз независна и суверена Украина докажува дека нема траен мир. Мирот и стабилноста се нешто на што мораме да работиме сите заедно, рече Петровска.
Петровска беше децидна дека Бугарија на западната граница има сојузник, со кој заедно ја гради колективната безбедност.
Таа додаде дека Македонија е заинтересирана за обука на воени лекари во Бугарската воено-медицинска академија и поморската школа Никола Вапцаров во Варна.