Министерката за одбрана, Славјанка Петровска за ТВ21 кажа дека нема ништо спорно околу набавката на хеликоптерите за Армијата вредна 230 милиони евра, која стана предмет на Државната комисија за спречување на корупција. ДКСК ја стави „под лупа“ оваа набавка, но Петровска од студиото на ТВ21 кажа дека нема ништо спорно.
„Нема ништо спорно околу оваа набавка. ДКСК има право да истражува доколку има сомнежи и да отвори предмет. Постапката е спроведена согласно закон. Јас ги поздравувам напорите на Антикорупциската комисија, и јас како министерка и целото министерство ќе соработуваме целосно и ќе ги доставиме сите документи кои ќе помогнат во истрагата. Набавката е во согласност со законот за набавка во одбраната на безбедноста. Сите документи се донесени, оваа набавка е предвидена во планот за набавки во министерството за одбрана“, рече меѓудругото Петровска.
На прашањето дали тајмингот на набавката е проблем, со оглед дека е пред избори, Петровска во студиото на ТВ21 одговори.
„Оваа набавка е предвидена од претходно да се случи во 2024 година. Сега одиме на најважниот момент зошто купуваме хеликоптери? Затоа што е дел од процесот на модернизација“, рече Петровска.