Набавката на хеликоптери за армијата, под лупа на антикорупциската комисија. Новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата отвари предмети за осумте хеликоптери за АРМ вредни 230 милиони евра од италијанскиот „Леонардо“, но и за набавката на 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство.

Во изјава за Радио Слободна Европа, претседатлката на ДКСК, вели дека предметите се отворени по допрен глас, а се однесуваат на тоа што смеат а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, кога беа распишани претседателските и парламентарните избори.

„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори. Двата предмети за набавките на хеликоптерите и на амбулантни возила, со 13 други предмети, значи имаме 15 предмети поврзани со изборниот процес.“ – вели Татјана Димитровска претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Реакции во јавноста предизвика и одлуката на министерството за здравство да набави 22 амбулантни возила. Како што објави 360 степени, на тендерот се пријавиле само двајца понудувачи, со голема разлика во цената. Поевтината била дисквалификувана, а избрана е поскапата. Компанијата која не ги исполнила барањата е истата онаа која неодамна победи на тендерот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, која купи 7 амбулантни возила и ги подари на Итната помош.

Низа слабости и нерегуларности констатирал и претходниот состав на Антикорупциската комисија за набавката на службени возила во 2021 година. Во документот до кој дојде ТВ 24 се наведува дека владата им доставила само едноставна пресметка на финансиските импликации за сценаријата финансиски и оперативен лизинг, без да биде презентирана пресметка на економска опоравданост доколку возилата бидат купени и потоа останат во сопственост на државата. И за антикорупционерите е несфатливо како може да биде исплатливо, набавка на 45 службени возила да чини 1,8 милиони евра, и по три години истите да бидат вратени.