Маса за играње шах е последниот проект на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, со кој денеска се пофали на социјалните мрежи.

– Во животот убавите нешта лежат во едноставните работи како што е ова денес, кое што и тоа како ја збогатува можноста на граѓаните навистина да уживаат во ладовина и во играта која што е овозможена во овој простор, каде што веќе имаше ваква маса, но забот на времето си го направи своето. Кога зборуваме за урбаната средина, не се важни само големите инфраструктурни зафати. Битно се и ваквите елементи кои што му даваат душа на се друго што правите, изјави Петровска на отворањеро на новиот проект.

Големо задоволството беше и за случаните минувачи кои веднаш ја искористија можноста за играње шах на новата табла, објавија од Општина Битола на официјалниот профил на Фејсбук.

Градоначалничката Петровска и досега беше позната по промоцијата на проекти слични на овој, како што беа нова боја на пешачки премин, нова шахта, обнова на дрвено мовче со десетина штици и слично.

А кога станува збор за игрите, во Битола најомилена игра со карти е бељот, па до изборите на есен има време во некој парк да биде промовирана и маса за бељот.