Во изминативе денови презентиравме како Љупчо Дон Николовски се однесувал со народните пари, расфрлајќи државни средства за лични уживања, кога во исто време можел да биде поекономичен и да заштеди, истакна на денешната прес конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Дон Николовски за времето додека бил министер во МЗШВ потрошил 16.000 евра за кафеани и ресторани, а во истовреме земјоделските производи на нашите земјоделци скапувале по нивите затоа што нема пласман.
Од сите сознанија кои ги имаме се доаѓа до заклучок дека Дон Николовски поголем дел од времето го поминувал на патувања и репрезентации во кафеани, отколку да биде на терен и да ги решава проблемите на земјоделците.
И наместо да најде начин како да исплати над 50 милиони евра заостанати субвенции на земјоделците, тој се шетал низ Европа и САД.
И на ниту едно патување не избрал економичен хотел, карти се плаќани по неколку стотина евра, а во исто време се трупале долгови кон земјоделците.
Дон Николовски и СДС раскалашено се однесувале со парите на граѓаните, неодговорното трошење резултираше со ограбена држава и голем број нерешени проблеми.
Ваквото однесување веќе никогаш нема да биде пракса, а за Дон Николовски ќе има одговорност за сите злоупотреби, рече Петрушевски.
На ова следеше реакција од Николовски.
Бројките изнесени од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ се неточни и со истите манипулираат, како само еден пример ќе кажам дека цената на хотелското сместување во Вермонт беше препорачано од тамошните власти и не изнесуваше повеќе од 150 долари по вечер. Ние повторно сме сведоци на небулозни и смешни обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рекордно време успеаја да ги влошат односите со сите соседи и да ги расипат напорите за изградба на соработки во последните седум години. Овие напори резултираа со зголемен извоз на вино и земјоделски производи, учество на врвни саеми и промоција на нашите производи.
На пример, за прв пат во историјата, Македонија беше претставена на престижниот саем Белавита во Чикаго, што е причина за гордост. Понатаму, посетата во Вермонт вклучуваше највисоки претставници, меѓу кои и Секретарот за земјоделство на Вермонт, комесарот за шумарство и генералот на војската, кој е голем пријател на Македонија.
Посетата на Италија, беше заедно со Претседателот на Република Србија со кои заеднички се претставивме на уште еден престижен саем.
Во врска со цените на хотелските соби, сите се во согласност со нашите правилници, а хотелите се препорачани од нашите амбасади и претставништва во странство. Никогаш не сум одлучувал јас дирекно за моето сместување.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ не се способни да се претстават на ниту еден саем во странство нити да ги промовираат нашите производи, доказ за тоа е испуштеното учество на саемот АГРА во Република Словенија, патем за кој актуелниот Министер ги купил авионските карти меѓутоа не бил присутен а тоа е поради нивната неспособност да организираат достојно претставување на нашите производи во странство.