Со секој изминат ден сè повеќе излегува на површина вистинското лице на СДС за време на седумгодишната власт. Сегашниот претседател на СДС, Венко Филипче, може да негира колку сака, но сведоштвата и фактите секој ден го демантираат и потврдуваат дека заедно со неговиот ментор, Зоран Заев и дружината, државниот апарат го ставиле во служба за остварување приватни и клановски цели. Користејќи ја моќта, ги злоупотребувале институциите, уценувале и вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат болницата за багателна цена. Наместо како министер за здравство да се грижи за здравјето на граѓаните и да ги решава проблемите во јавното здравство, Венко гледал само како да дојде до приватна болница, се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
За остварување на оваа цел, Венко Филипче не ги штедел ниту државните, народни пари. Јавно достапните информации говорат дека во време на власт на СДС, особено кога Филипче е министер, се зголемува буџетот кон Клиничката болница од државните институции.
Од 361.600.000 денари или околу 5,8 милиони евра, колку што изнесувал буџетот во 2015 година, трансферите до болницата од државната институција се зголемија речиси двојно со доаѓањето на СДС на власт. Односно, во 2020 година кога Филипче раководеше со македонското здравство, буџетските трансфери кон болницата на која Венко ѝ фрлил око, достигнале до 682 милиона денари, сума штпо во денари изнесува речиси 11 милиони евра.
Бројките се немилосрдни и повеќе од јасни. Затоа го прашуваме Филипче дали ваквите огромни приливи што ги правел кон Клиничката болница „Жан Митрев“ биле едни од начините со државни пари да го кандиса докторот да му ја продаде болницата за пониска сума?
Ова не бил единствениот метод што Филипче и неговата криминална дружина на чело со Заев ја користеле за да ја присвојат болницата. Тие на докторот, како што и самиот Митрев потврди, му вршеле притисок, го уценувале и му нуделе и помош во судската постапка против клиничката болница.
Ова покажува дека нема област во општеството што СДС, Венко Филипче и Зоран Заев не ја заробиле и не ја злоупотребиле. Апетитите на Филипче и Заев кон приватниот здравствен сектор не се нови, за нив со години слуша македонската јавност.
Затоа, Јавното обвинителство да не чека, овие сериозни индиции за изнуда и сторен криминал да ги испита и целосно да ги расчисти. Одговорност мора да има!
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
Фото: ВМРО-ДПМНЕ




