ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку недели предупреди дека Владата преку ОТА набавила опрема за следење на комуникациите за која нема законска рамка, ова денеска преку пресконференција го истакна Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-За нашите индиции и сомнежи дека власта може да нелегално да следи 2 милиони граѓани го известивме ЈО. Реакција уште нема. Деновиве повторно гледаме дека ОТА е вмешана во сомнителна шема и можна злоупотреба на ингеренциите, при следење на граѓаните. Од новинарско истражување на грчкото Инсајд Стори и македонската ИРЛ дознаваме дека ОТА уште во 2020 година купила шпионски софтвер за следење на интернет комуникацијата на граѓаните наречен Предатор. Според истражувањето, новинарите тврдат дека шпионскиот софтвер е набавен како од македонската ОТА, така и од грчката служба. Во истражувањето се наведува дополнително дека македонската и грчката служба имале неколку средби, по што во 2022 година направиле и нацрт договор за соработка и размена на класифицирани и некласифицирани информации кои произлегуваат од следењето на податоците, а врховно одговорен за ова е Димитар Ковачевски, кој како премиер е одговорен за координирање на овие служби, вели Петрушевски.
Тој додава дека до потпишување на Договорот не дошло само заради шпионската афера која ја потресла Грција, во која беа обелодените информации дека нелегално се следени политичари и други јавни личности.
-Овој софтвер кој го поседува ОТА е проблематичен и за самиот НАТО. Користењето на истиот е потенцијална закана за нелегално следење на илјадници граѓани и нивната интернет комуникација. Уште еднаш го повикуваме ЈО, да постапи по нашите барања, а дополнително на тоа да постапи и по најновите индиции за можна шпионска афера со софтверот за следење Предатор, вели Петрушевски.