Руската полиција уапси пијан човек кој му се заканувал на членовите на екипажот на патнички авион што летал од сибирскиот град Сургут кон Москва, присилувајќи ги да го спуштат авионот веднаш по полетувањето.
Руската истражна комисија соопшти дека човекот го информирал екипажот на „Аерофлот“ дека е вооружен и побарал пренасочување на летот веднаш откако авионот полетал од Сургут. Авионот слетал во градот Канти-Мансијск, околу 230 километри западно од првичната локација.
Авионот стоел на пистата на аеродромот во Канти-Мансијск повеќе од еден час, додека пристигнала полицијата. Аеродромот е евакуиран.
Компанијата „Аерофлот“ соопшти дека никој не е повреден.
Истражувачката комисија, пак, соопшти дека човекот е идентификуван како жител на Сургут, кој и претходно бил казнуван поради нанесување штети на имот, а сега се соочува со обвинение за киднапирање.