Демократската унија за интеграција ќе коалицира со која било партија што ќе ги почитува Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, изјави вечерва вицепремиерот за евроинетграции и портпарол на ДУИ, Бујар Османи во интервју за телевизија Телма.
– Наш прв услов за коалицирање со која било партија е почитување на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија. За нас е многу важно да има јавно преземање на обврска за имплементација на договорите, потенцира Османи, додавајќи дека во преговорите за идната влада „ќе седнат во демократски процес да ги понудат нивните аргументи“.
Тој се заложи што поскоро формирање нова влада која, како што рече, ќе биде тематска и ќе мора да биде посветена на спроведувањето на преговорите за членство со ЕУ. Османи посочи дека откако ќе биде формирана Владата ќе биде составен и тимот за преговорите со Европската Унија, кој, според него, треба да има поддрша од сите субјекти во општетсвото..
Османи во интервјуто истакна дека ДУИ била единствена политичка партија на овие избори која што имала само позитивна кампања и немала негативна реторика кон никого.
– Апсолутно кон никого, иако сите беа против нас, сите внатрешни, надворешни ангажирани и цела пропагандна машинерија на политичките партии. Ние бевме сами и не се спротивставивме и ако ја следевте добро кампањата, ниту реплициравме на сите тие напади и пропаганда врз нас, туку напротив имавме програма, имавме концепт, имавме добри кандидати и го промовиравме тој концепт и тие кандидати, нагласи Османи.
Тој нагласи дека законските решенија коишто произлегуваат од Рамковниот договор се завршени со Законот за јазици и легислативниот дел е затворен. – Меѓутоа, духот на Рамковниот договор ќе постои додека постои последниот Албанец во оваа држава, нагласи Османи.
Спортед него, концептот „премиер Албанец“ не е етничко прашање, туку е прашање на постигнување на рамноправност.
– Етничко прашање би било доколку тој слоган немаше да содржи кандидат во самиот концепт, туку едноставно би се повикувале на етничката припадност. Меѓутоа, во услови кога државјанин на Република Северна Македонија предложен од партија излегува како кандидат за премиер, тоа мислам дека е богатство во секоја држава и е во рамки на сите демократски и законски принципи затоа што ние сметаме дека направивме услуга на Албанците, бидејќи на овие избори игравме во „Прва лига“. Ние сме научени за позицијата премиер да се натпреваруваат само две македонски политички партии, ниту има трета опција во смисла на генерална трета опција, ниту, пак, албанска политичка партија може да претендира за такви позиции на ексклузивен монопол, рече Османи.
Тој нагласи дека 105 илјади Албанци го поддржале концептот за премиер Албанец, а над 80 проценти на анкета на јавното мислење исто така сметале дека е тоа добар концепт и е концепт којшто носи рамноправност, додавајќи дека барањето за Албанец премиер не може да се смета како уцена.