Поминаа седум години, народот вели дека времето ги лечи раните, но за нас, времето не само што не ги лечи раните, туку болките стануваат се’ понеиздржливи. Неиздржлива е помислата, дека тие се постари за седум години, нивните мали дечиња за седум години пораснаа и веќе се момчиња и девојки, им се родија внуци и пораснаа.
Неподносливо е по седум години да слушаме како се манипулира со јавноста дека нашите најмили извршиле тероризам ама не кажуваат дека сториле тероризам без оружје, неиздржливо е да се молчи дека се осудени за кривично дело против државата и дека се прогласени за државни непријатели.
Граѓаните, од прв до последен треба да знаат дека во монтираниот политички процес нашите се прогласени за државни непријатели и дека се политички затвореници.
Во МАКЕДОНИЈА седум години издржуват затвор политички затвореници. Сакаме да порачаме дека не само кај нашите најмили, не само кај нас семејствата, туку и во МАКЕДОНСКОТО општество засекогаш ќе останат раните од политички монтираниот судски процес. Нашите најмили, прогласените државни непријатели и ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИЦИ ќе бидат живи споменици на едно историско време за Македонија.
И по седум години не прифаќаме дека затворените кои се наши деца, сопрузи и татковци се НЕПРИЈАТЕЛИ НА ДРЖАВАТА, не ја прифаќаме осудата за кривично дело против државата, не прифаќаме дека е нормално во 21 век во Македонија седум години да има ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИЦИ.
Не само ние, речиси секој обичен граѓанин не го прифаќа тоа.
Тешко ни е кога сите коментари се сведуваат на погрешна терминологија тероризам, учество во толпа и физичките напади без докази, го квалификуваа терористичко загрозување. Во патриотизмот, Русковска и Кацарска видоа непријателска намера со ништо недокажана.
Политичкото обвинение и политичката пресуда која воопшто не образложува како тоа ги утврдиле НЕПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАМЕРИ на нашите најмили, ДОПОЛНИТЕЛНО ги продлабочува нашите рани и ја зголемува нашата болка. Но, повтораме дека тоа не е само наша болка, тоа е рана од која ќе остане траен белег во целото општество.
Зарем не се свесни за тоа и политичарите – оние кои директно и индиректно ја определија нивната и нашата судбина. Зарем не се свесни дека со ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИОТ судски процес и со политичките пресуди оставија тешки и неизлечиви рани и белези и врз државата и врз ОПШТЕСТВОТО во целина.
Зарем се согласија, овие рани ТРАЈНО да сведочат за нивнотото владеење, за нивното поигрување со нивните и нашите судбини.
Ако се прашувате како ни е?
Секој ден, седум години по ред, животите на нашите најмили, но и нашите животи се голгота и пекол.
Како може да се прифати политичка квалификација за кривично дело против државата, како да се заборават маратонските судења кои траеа по 12-15 часа, како да се заборави дека биле затворени само за да се обезбеди мнозинство за промена на Уставот и името на државата, како да се чувствуваме кога еве СЕДУМ ГОДИНИ единствено тие се по затвори иако БЕА НАЈАВУВАНИ некакви криминали за високи политичари, како да се справуваме со фактот дека од денешна дистанца САМО ТИЕ СЕ ВО ЗАТВОРИ И САМО ТИЕ БИЛЕ ПРОБЛЕМОТ во македонското општество.
Овие АПСУРДИ дополнително не болат сите нас а особено нашите кои гнијат во затворите веќе 6 години.
Водиме секојдневни битки, битки со самите себе, да ги издржиме апсурдите и неправдите, тоа се тешки и секојдневни битки кои траат една вечност.
Секој ден смогнуваме сила да се справуваме со болките од неправдата нанесена на нашите синови, сопрузи, татковци и браќа веќе 6 години затворени.
Секој ден смогнуваме сила да го прикриваме нашето страдање и болка и да покажуваме сила и храброст при секоја посета и средба за да останеме единствената нивна потпора.
Господ ни ја дава силата заедно да чекориме низ голготата со надеж дека ќе изгрее сонцето на слободата и за нашите и за нас.
Укинувањето на првостепената пресуда на таканаречените организатори со која беа осудени на казни затвор по 5 и 6 години затвор што е ЕДНА ТРЕТИНА во однос на ДРАКОНСКИТЕ КАЗНИ со кои беа осудени нашите најмили и враќањето на предметот на повторно судење, ни даде тронка надеж и за нашите, надеж дека и нашите ќе имат можност и право на фер судење, со враќање на предметот на повторно судење и за нив.
Не бараме милост, само бараме правда во фер, правична и непристрасна постапка.
Не бараме амнестија, не бараме помилување, бараме шанса за да ја докажат својата невиност.
Тоа го заслужуваат особено после апсурдите во многуте судски постапки каде бевме сведоци на политичките пазари за застарувања и укинувања на пресуди и ОСОБЕНО заради селективната амнестија само на дел од првично обвинетите за настаните од 27 април.
Тоа го заслужуваат нашите најмили кои веќе по 6 години гнијат во затворите, но длабоко сме убедени дека враќањето на постапката од почеток и судењето во фер постапка е повеќе од потребно на целото општество и особено на обвинителството и судството заради целосната недоверба на граѓаните во овие институции.
Недоверба поради тоа што граѓаните беа сведоци на селективна правда во мноогу случаи, беа сведоци на ослободување на криминалци кои со украдени пари од граѓаните на Македонија се спогодија и си ја купија слободата, сведоци на промени на законот за ослободување од гонење на некои што гласаа за промена на Уставот, сведоци на постапки кои до денешен ден се водат или воопшто не се водат, конечно сведоци на селективната амнестија за пратениците кои ги отворија вратите што беше докажана причина за можноста граѓаните кои протестираа да влезат во Собранието на Република Македонија.
Тие кои со отворање на вратите на Собранието овозможија народот да влезе во Собранието, не само што не беа прашани ЗОШТО ги отворија вратите туку освен тоа што уживаат во слободата, уживааат и во наградите, привилегиите и тендерите што ги добиваат до денеска, само заради гласањето за промената на Уставот.
Би сакале да апелираме, како семејства на неправедно осудените кои си ја сакаат татковината, Врховниот суд, само темелно да го разгледа нашиот случај, да ги разгледа прекршувањето и повредите на кривичната постапка, темелно да ги разгледа доказите за тоа дали е докажано надвор од разумно сомневање дека нашите најмили имале намера да го загрозат уставниот поредок на Република Македонија.
Не бараме мислост, само бараме шанса за фер судење.
Со почит семејствата на неправедно осудените за „27 април“.