На 12 ноември во Тетово ќе биде промовираната книга за една малку позната личност во македонската историја – Виктор Аќимовиќ (1915-1987) за кого промоторот на книгата д-р Виолета Ачковска истакнува дека е македонски национален деец, разузнавач, револуционер, публицитет, фотограф и филмски работник. Соидејник на Коста Рацин и Павел Шатев. Автор на книгата е д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни.

Едно негово писмо е од посебна вредноста за нас. Имено, српскиот академик Никола Вулиќ во 1939 година објавиле текст во весникот Време под наслов „Јужна Србија или Македонија“ во кој остакнува дека за оваа територија не треба да се употребува терминот Македонија. На ова реагира тетовчанецот Аќимовиќ во неговиот весник „Јужна стварност“ и еве ја содржината на целото писмо:

„Господине професоре! Под многу крупен наслов “Јужна Србија или Македонија”, белградско “Време” од 16 ноември, го донесење во целина предавањето, кое Вие сте го држале во Српскиот културен клуб во Белград, пред “елитниот собир на интелeктуалци од престолнината”. Уште веднаш ви напоменуваме, дека ова Ваше предавање кое го пренесе и “Српски глас”, стана предмет на коментирање како меѓу интелектуалците, така и меѓу работниците и кај другите граѓани на Македонија, па предизвика и доста голем револт, затоа што мошне добро ги сфатија тенденциите на Вашите “научни излагања”. Сметаме за наша должност, да Ви напоменеме дека ние наполно не се сомневаме во Вашиот научен авторитет, но исто така сметаме за должност да Ве запрашаме кому му беше потребно ова предавање за името на Македонија и зошто тоа прашање да се наметнува токму денес и тоа во Српскиот културен клуб? Да не го ставивте својот научен авторитет г. Вулиќ, во служба на некои заткулисности, за кои ние добро знаеме, но засега не сакаме да зборуваме? Вие, г. професоре, во своите “научни излагања” ја изнесувавте неоправданоста на називот Македонија за Јужна Србија и тоа го поткрепивте со така мизерни и слаби аргументи, така што испадна дека за тоа повеќе знаат работниците кои извршуваат археолошки ископувања низ Македонија од самите вас. Кога би бил жив покојниот Цвијиќ , не знам што би мислел за вас. Вашата “научна теза” за називот на оваа област, заснована на “авторитетот на научните вистини”, ги развивавте така сјајно, што дојдовте до една интелектуално смешна констатација, дека оваа покраина не само што не треба да се нарекува Македонија, туку не треба да се нарекува ниту Јужна Србија, туку едноставно, Србија. Вашите научни аргументи за ваквите тврдења (кои, простете, ние ги сметаме за една шега од Ваша страна!) се овие ваши зборови: “Името “Македонија” за Јужна Србија треба сосема да се исфрли од употреба. Тоа треба и официјално да се укине. Тоа име носи само забуна и во овие тешки околности може да нанесе на српството и југословенството значајни штети”. Овие ваши зборови јасно укажуваат со какви “научни вистини” вие сте се послужиле за да ја оправдате вашата теза. Ви поставуваме прашање, како тоа името Македонија носи забуна и може да нанесе значајни штети на српството и југословенството и дали овие ваши зборови не наликуваат на една добро осмислена “научна” провокација, која вашето име требало да ја прикрие. Името “Македонија” и се што е во врска со тоа име, во никој случај не може да нанесе штети на српството и на Југославија. Навистина, може да нанесе значајна штета на еден дел од српството, кое е малубројно и за кое не сакаме да се загрижуваме. А тоа пак не е никаква штета, како што тоа Вие сакате да го претставите. Ние немаме намера ова ваше предавање, кое со мирна душа може да се нарече, интелектуално бедно, да го побиваме со вистински научни аргументи, кои ги имаме во изобилство, затоа Што истото не го сметаме за научно предавање, иако се сака како такво да се претстави, затоа што ни е наполно јасна тенденцијата, а на Вас господине академику, може да ви служи на гордост, што вашиот научен авторитет го ставивте во служба на мистификаторството и заткулисноста. Ние од наша страна Ве молиме ова ваше предавање за Македонија да го публикувате во некое научно списание, доколку претходно списанието би го оценило како некаква научна работа, за да би можело тоа да послужи како уште еден документ што се се сервира како научна вистина. Зарем Вие, господине Вулиќ, навистина не сте знаеле дека постоела и дека и денес постои Македонија, а дека не постои име Јужна Србија, затоа што тоа е званичното име за оваа покраина, туку дека постои Македонија на југот од Србија? За тоа е пишувано и дека за тоа постојат цели томови на студии и расправувано многу, па пред да го одржите ова предавање господине Вулиќ, сте требале да знаете барем тоа дека постојат луѓе и надвор од оној “елитен собир на престолничките интелектуалци”, пред кои излагавте за Македонија, па и покрај тоа што не се академици и научници, дека многу добро знаат за тоа што сте зборувале. Едно мора да се расчисти, ако Вие господине научнику, навистина сте мислеле за називот Македонија онака како излагавте, тогаш вашиот научен авторитет доаѓа под сомневање; ако пак намерно сте ги прикривале научните вистини, како што и се, тогаш, господине академику, ние со жалење го изнесуваме и го осудуваме, Вашиот, со ништо неоправдан испад, бидејќи, Вие, не само што како академски научник себе си се бламирате, туку уште себе си се поставувате во позиција на провокатор на македонскиот народ, а македонскиот народ кој имаше прилика да дознае за Вашето предавање, со отворен револт ги прими научните вистини од ваков вид кои се достојни единствено на публикациите на еден Цицвириќ. Ние на крајот господине Вулиќ, за ваше информирање и на оној елитен собир на престолничките интелектуалци, можеме да ви кажеме уште и ова: никој не може да и го оспори името на Македонија, како што не може да се оспори ниту името на индивидуалноста на српскиот, словенечкиот, храватскиот и другите народи на Југославија, а за тоа самиот македонски народ мошне добро знае и како таков се чувствува (иако, Вие, како академик не знаете она што знае еден просечен жител на Македонија) е националното прашање на Македонија кое било и кое и сега е отворено. Според тоа, Г. Вулиќ, постои Македонија, а постои затоа што ( што мислите?) постои и македонски народ, па како што гледате оној аплауз во културниот клуб во Белград, бил само плескање на рачиња на “елитниот собир на престолничките интелектуалци”. Ни од Македонија тоа не го сторивме, туку низ револт уште и се насмеавме а за возврат и понатаму ви ја нудам утробата на на нашата покраина, во која лежат споменици, па вие како археолог продолжете ја својата работа на ова поле, за да еден ден, случајно одржите, ако воопшто имате граѓанска храброст, едно друго предавање на оваа тема.“