Писмо од Коле Неделковски до Сергеј Мисирков
Софија на 18 мај 1940 година.
***
Г. д-р Мисирков
Пред неколку месеци, барајќи го творештвото на најголемиот син на Македонија, се удавив во најдрагоцениот и мил момент во мојот живот.
Тоа беше со г-ѓата Ваша мајка, од којашто чув и разбрав за дел од животот на вистинскиот Македонец, и исто така се израдував уште повеќе кога ми кажа дека и чедото на најскапиот син на Македонија живее со мислите со коишто ги преживеал сите свои дни од својот живот неговиот татко. Навистина, судбината на великите луѓе е речиси еднаква, нивниот глас, многу чудно, но не се слуша и не се оценува во времето во коешто го тргаат својот живот: тие секогаш се раѓаат многу рано и целосниот лик им бидува растолкуван дури од следните поколенија. Така станувало и станува. Викот на бесмртниот Македонец К. Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина и таа, измачена веќе од борбите и соперништвата на неколку народи, коишто ништо не штедеа за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети: но таа не се дава никого, а си остана со својата боја македонска, и сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и во разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.
Па и ние, прокудените, каде и да се наоѓаме надвор од скапата наша татковина, се чувстуваме туѓунци и затоа не останавме глуви на делото и идејата на Вашиот незаборавлив татко, ами го прегрнавме тоа дело за да го изградиме со цената на најмилото. И така, далеку од татковината, ние се обединивме во едно Македонско литературно другарство, од чие име се осмелив да Ве замолам да ни излезете во пресрет за да не запознаете поподробно со животот и дејноста на Вашиот покоен татко (биографијата) за да може големиот борец поодблизу да и го претставиме на македонската општественост. Јас зедов од г-ѓата Ваша мајка една тетратка-дневник, но му ја дадов на еден колега за да ја препише на машина за пишување и отидов, но сега сум веќе тука и овие дни ќе ја земам за да ја вратам назад.
Препишав неколку статии од в. „Мир“ од Народната библиотека, како: „Самоопределување на Македонците“, „Македонскиот национализам“, „Македонската култура“ и др. коишто ги испратив во Македонија под Српско. Книгата „За македонските работи“ исто така ја препишавме на машина и ќе ја испратиме и неа, та ако може таму да се даде во печат, па ако Вие знаете дека има некаде од оваа книга повеќе примероци и ние веднаш сите ќе ги откупиме.
Останувам со најубави чувства кон Вас,
Коле Неделковски