Сплиќанец напиша писмо за тоа зошто денес му недостасуваат сите бивши Југословени, но и што уште му недостасува, што имал во некогашната заедничка Југославија. Писмото деновиве стана еден од најчитаните текстови во регионот.

Писмото го објавуваме во целост.

Понекогаш ми здосадува да набројувам што имала Југославија, а што нема сега. Па сега ќе набројам што ми фали.

Како прво, ми недостига нормална средина која не ги брои крвните зрнца на луѓето, туку гледа во душата и карактерот. Ми недостасуваат нормални верници кои веруваат во Господ само за себе, а не ја малтретираат околината со својата вера, ниту замислуваат чуда за да бидат во центарот на вниманието.

Ми недостига Југопластика, трикратниот европски кошаркарски шампион во низа, што беше незамисливо без Црногорецот Ивановиќ, Србинот Сретеновиќ и Савиќ, Македонецот Наумовски, заедно со децата од Сплит и големиот југословенски тренер Божа Маљковиќ.

Ми недостигаат отворени граници низ кои Босанците и Србите можат слободно да дојдат и да летуваат без дискриминација. Ми недостига коњак-колата за која никој не праша дали е коњакот на Рубин или Бадел.

Ми недостигаат југословенските уметници со слободна мисла кои создаваат мултикултурни дела, а не дела на омраза, хомофобија и прикриен фашизам. Ми недостигаат луѓе чии зборови имаат тежина и стојат зад нивните зборови, а не денешните кретени кои се предомислуваат три пати на ден.

Ми недостига Мате Парлов, победник на олимпискиот подиум и светски шампион во бокс. Ми недостига сараевската рок-сцена и новиот белградски бран. Ми недостига заедницата каде луѓето од различни религии и нации беа најдобри пријатели, а не денес кога на половина од луѓето најдобрите пријатели им се психијатрите и апчињата.

Ми фалат плодните култивирани полиња на Југославија со позлатено жито, а не денешните необработливи запуштени земји. Ми фали мирисот на здрава храна, а не овие денешниве гадни ГМО производи.

Ми фалат чесните југословенски антифашисти, а не денешниве кретени кои се прават антифашисти за неколку парички.

Ми фали Младен Делиќ кога го пренесува фудбалскиот натпревар на југословенската репрезентација, а Драган Никитовиќ кога ги пренесува бокс мечевите меѓу Мухамед Али и Џо Фрејзер.

Ми фалат Чкаља и Мија Алексиќ од срце да се насмеам. Ми фали гостопримството и хуманоста кои ги имаше само Југот.

Ми недостигаат Мирза Делибашиќ со дриблингот од Сараево за „кршење на колена“ и Бојан Крижај, југословенскиот Моцарт скијач.

Ми недостига кадарот на филмот со голи гради на Мира Фурлан, кој имаше повеќе ерос отколку сите порно постери на денешните старлети.

Нема да зборувам за Тито, после него сѐ отиде по ѓаволите… Сето ова би можел да го резимирам во една реченица: ми недостасува нормален и мирен живот без луди фашисти, воени профитери и болни политички манипулатори.

Лека ноќ Југословени каде и да сте.