Писмото на американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер ги скара денеска членовите на Судскиот совет, а нејзината разочараност од судовите ја дели и премиерот Димитар Ковачевски.
Како што објави Макфакс, потпретседателот на Судскиот совет, Селим Адеми побарал претседателката Весна Дамева да биде разрешена, зашто, како што посочил, таа „го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите“.
Дамева, пак, возврати дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и тој требало да го презентира.
Според неа, целта е нејзино разрешување поради други причини, а писмото е само повод. На Адеми, пак, му пречело што и медиумите дошле до одредени информации од Судскиот совет, па и за тоа побара одговорност.
– Зошто Вие, претседателке, нè ставивте во заблуда и писмото од амбасадорката на Америка не ни е доставено на време, туку по две недели? Кој го криел писмото за ние да не знаеме. Сите да го имаат, а ние да го слушнеме од медиумите? Првиот човек треба да има одговорност – рече Адеми, пренесе Макфакс.
Дамева возврати дека сакаат да ја разрешат пред да се гласа за сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е утврдување одговорност кај судии.
– Ќе ве демантирам за писмото до Агелер, кое ниту се криело ниту имало намера да се крие. Јас сум разочарана и се согласувам со содржината. Писмото е стигнато на 11-ти, наредниот ден бев на одмор. Зошто писмото стигнато на 11-ти не го презентиравте кај колегите? На крајот, 17-ти беше неработен ден, 18-ти седница. Ова не е за да се правдам, оти немам намера, но стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. И да си одам и да го изгласате моето разрешување, ако има законски основ, ќе си одам. Но, со гордо крената глава. Додека сум претседател, нема да има простор за влијание – рече Дамева, пренесе Макфакс.
И премиерот Ковачевски се согласува со Агелер дека има судски случаи кои се одолговлечени.
– Писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер е испратено секаде каде што е потребно. Владата обезбедува услови за функционирање на судовите, со обезбедување буџет, предлагање законски решенија, кои подоцна ја унапредуваат судската пракса. Нов кривичен законик, нови закони подготвени во ренумерација на судиите и обвинителите, но се блокирани во Собранието, рече денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, по неговото обраќање на Самит Македонија 2025.
Тој додаде дека „постапката оди со враќање кон пониски инстанци во повеќе наврати и тоа се прашања за судиите кои работат и за оние кои што управуваат со работата на судиите“ и потенцира дека се согласува со констатациите на Агелер.