Европската комисија донесе одлука да ги извести земјите членки на ЕУ дека Украина и Молдавија ги презедоа сите неопходни чекори за отпочнување на преговорите за членство во Унијата, информира денеска портпаролката на ЕК за проширување и соседска политика, Ана Писонеро.

Таа додаде дека прашањето за започнување на преговарачкиот процес со Украина и Молдавија е на денешниот дневен ред на заседанието на Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), потенцирајќи дека конечната одлука за отпочнување на преговорите со двете земји треба да ја донесат членките на Унијата.

– Тие треба да ги усвојат преговарачките рамки, што е предуслов претседателството на Советот да свика меѓувладини конференции со што ќе се означи почетокот на преговорите, рече Писонеро.

Таа посочи дека Украина постигнала значителен напредок во борбата против корупција, усогласување со регулативите на ЕУ за ограничување на моќта и влијанието на олигарсите, како и за заштита на правата на малцинствата.

Молдавија, пак, според Писонеро, остварила значителен напредок во ветингот на судскиот систем, независноста на јавното обвинителство, борбата против корупцијата и законодавството за финансиските текови.

– Сега останува на земјите членки да дискутираат и да донесат одлука за следните чекори, додаде Писонеро.

Фото: МИА Архива