Седум години затвор за поранешниот премиер, Никола Груевски и казна од 3 500 евра пресуди судијата за „Плацеви на Водно“ . Сашо Мијалков е осуден на 1 година и три месеци затвор, Јордан Камчев 1 година затвор, во кој му се смета и времето поминато во притвор. Ристо Новачевски доби две години условно, ако во рок од пет години не стори ново кривично дело. Истата казна важи и за Ненад Јосифовиќ, две години условно.

Груевски, Мијалков, Новачевски, Јосифовиќ и Камчев се виновни затоа што, Груевски против-правно за себе присвоил пари од донации од 1 300 360 евра, по што ги пуштил во оптек за перење на пари, а му помагал Мијалков. Останатите ги примиле и пуштиле во оптек, иако знаеле дека се против-правно стекнати. Груевски барал од Мијалков да му помогне да купи земјиште од 11 илјади метри квадратни и да се прикрие дека е сопственик. За помагачите, олеснителна околност е што за себе не стекнале имотна корист, пренесе Телма.

Судијата ја презентираше „Белизе“ шемата: За планот на Груевски му требале пари, па одлучил да ги присвои средствата од донации за партијата. Јанкуловска сведочела дека партијата била во криза и се финансирала од донации кои се примале со каса прими, па никој немал увид во нив. За ова сведочел и Протуѓер, кој потврдил дека во седиштето имало сеф, а од општинските комитети се испорачувале пакети и пари. Сведоци сведочеле дека донирале и по 100 или 300 илјади евра. ЈО доставило докази дека, Груевски примал плата од 88 илјади денари, а неговата сопруга 60 илјади. Во анкетниот лист не е наведен имот на негово име, а други приходи немал.

Судијата рече дека очекувал обвинетите да признаат вина и да им се извинат на чесните поддржувачи кои давале пари за партијата.

–Како е можно да се брани теза дека становите на Водно Алек Теранова ги купил за себе, бидејќи бил во бракоразводна парница? Некој ќе купи стан до премиерот, за да го скрие од брачниот другар?, праша.

Во образложението рече и дека, Мијалков контактирал со повеќе лица за фирми во Белизе. Одбраната коректно бранела, но на крај сами си ги срушиле доказите. На шемата, според него, се гледа како парите се шетаат до Белизе и повторно се враќаат назад во Стопанска банка-Битола, а парите на Мијалков од Белизе назад во Орка Холдинг.Имотот е купен преку фирмата „Сирак Инженеринг ДООЕЛ-Скопје“, а Груевски подоцна, за да прикрие дека е тој сопственикот, се договорил да биде префрлен на ОРКА Холдинг, во замена за три стана на Водно.

Нагласи дека, од секого ќе биде конфискувано се` што е нелегално стекнато.