Претставници на СОНК се на разговори во Министерството за образование, дознава Канал 5 од СОНК.

Се уште не се знае дали вчерашниот цврст став на СОНК генералниот штрајк да продолжи и наредена недела ќе остане или не. Засега останува и ставот на владата дека само 10 проценти може да се зголемат платите во образованието и градинките.

Премиерот Ковачевски рече дека првиот човек на СОНК не бил доволно искрен на прес конференцијата и посочи дека кога се бара зголемување во иднина со новиот закон за плата ќе се бара и квалитет за кои плаќаат граѓаните.

Заврши поддршката на ССМ кон генералниот штрајк на СОНК. Првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија објасни дека вчерашната прес конференција смета дека претседателот на СОНК Јаким Неделков не ја говорел вистината до крај и кога ќе ги поведе луѓето во штрајк кои се последиците.

Секој има право на штрајк, но штрајкот не е авантура. Ветувањата како синдикалец мора да се базираат на закони, колективни договори, а не да се пазариш, рече за Канал 5 Дарко Димовски претседател на ССМ.

Штрајкот во градинките и училиштата трае две недели.

Во врска со ставот на ССМ, реагираше Наум стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ. Срамно и недостоинствено за функцијата, Дарко Димовски политички поставениот претседател на Сојузот на синдикати, наместо поддршка на штрајкот на образованието, денеска застана во одбрана на Владата. Димовски, за потсетување, кршеше врати со асистенција на СДСМ, Оливер Спасовски и Мила Царовска, беше поставен со партиска агенда да го чува грбот на власта пред осиромашувањето и притисоците врз работниците, обвинува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во моменти кога сето образование во Македонија е во штрајк заради недостоинствени плати, во моменти кога оние коишто ја згрижуваат, воспитуваат, образуваат македонската иднина се соочуваат со тешки притисоци и закани, во моменти кога Владата спроведува најбрутални закани и притисоци кон оние што го користат правото на штрајк, Дарко Димовски, го покажа лицето на партиската агенда во фотелјата на ССМ, и денеска ги нападна сиот образован капитал, нападна синдикат и сквернави штрајк којшто трае две недели, за да ја брани Владата! Срамно и недостојно за позицијата претседател на Сојузот на синдикати, а по состанок со Ковачевски и Груби, Дарко Димовски застана во одбрана на Владата, и нападна штрајк, нападна синдикат и го нападна достоинството на образованието, вели тој.

Стоилковски порачува дека на површина излегува сета политизираност и партизација на Сојузот на синдикати.

-Димовски како синдикален лидер, за каков што се претставува, пет години не организирал ниту еден протест за работничките права. Димовски треба да знае дека владата е банкарот, којшто троши за луксузи на сметка на економското тонење на работниците. Синдикалните организации се организации за заштита на правата на работниците како и за подобрување на нивниот стандард, а не за одбрана на Владата при кршење на работничките права, закани и уцени врз нив. Македонија ја оставија без здравство, лекови, вакцини, брашно, зејтин, струја, вода, без пари, без плати, задолжувањата се се поголеми, а секојдневно државата тоне во криминал и во корупција. Секој еден ден поминат со СДСМ на власт е поскап од предвремени парламентарни избори, вели тој.