Новинарот и фоторепортер Петар Ставрев (80 г.) и годинава со шампањ в рака ја честиташе Новата година на вработените кои работат на највисоката кота во државата, на дежурниот тим во радио-телевизискиот предавателен пункт „Пелистер“ на планината Баба.

Навлезен во деветтата деценија од животот, полн со енергија и со силен мотив, Ставрев на 2 јануари се искачи на врвот Пелистер, висок 2.601 метри и ја продолжи традицијата што ја почна пред околу три децении.

-Пред повеќе од 25 години, како новинар дописник од Битола подготвував прилог за новогодишниот број на нашиот весник, сакав мојот новинарски прилог да се разликува од вообичаените празнични новинарски прилози и затоа се заинтересирав за посебна тема. Како планинар често се искачував на врвот Пелистер каде што е предавателниот пункт, место за кое ние битолчани велиме „на антена“ и сакав да видам како вработените ги минуваат првите новогодишни денови. Дополнителен предизвик за мене беше фактот дека на 2.601 метар надморска висина секој ден на највисоката точка/кота во нашата држава работат и професионално се ангажирани лица кои ги контролираат антенските столбови и следат дали граѓаните насекаде во државата имаат квалитетен прием на радио и телевизиските програми. И, веднаш ќе речам….првото искачување за мене беше возбудливо, а за нив пријатно изненадување затоа што некој се сетил на 2 јануари со шампањ да им ја честита новата година. Од тогаш, скоро три децении секогаш на 2 јануари, со шампањ во раката, јас сум на врвот Пелистер, со вработените на предавателниот пункт кои се исклучително љубезни, нудат чај, разговараме… фотографирам, набљудувам, уживам…раскажува за почетоците на својата приказна Петар Ставрев.

Искачувањето до врвот Пелистер на планината Баба секогаш е мотивирачко, а одлуката тоа да се прави во првите денови од новата година, за планинарите е и предизвик.

-Продолжив да се искачувам со друштво од неколку планинари, а потоа бројот се зголемуваше… Секој 2. јануари без разлика на временските прилики јас сум на Пелистер. Годинава времето се погоди. Сончево, чисто, очекувано ветровито, но тамам за продолжување на традицијата. Искачувањето секогаш е по иста патека, тргнуваме во 6 часот наутро, а стигнуваме околу пладне. Времетраењето го диктира висината на снежната покривка. Кога сме во колона, тогаш првиот планинар прави 20 чекори, а потоа се заменува со друг планинар и така 5 до 6 часа до целта. Првиот мал одмор го правиме на местото викано Палиснопје каде задолжително застануваме. На Палиснопје има спомен плоча која сведочи за периодот од Илинденското востание односно за местото каде што во 1903 година се одвивала последната борба од востанието. На Палиснопје оддаваме почит на илинденците, а потоа продолжуваме до Ловечка Куќа. Тоа е куќа која своевремено служела за времено сместување на вработените од антенскиот столб кога не успевале заради невреме да се искачат до Пелистер. За жал подолго време Ловечка куќа е затворена, кога ќе поминеме крај неа малку се љутиме (битолски- љутиме), и продолжуваме. Се сеќавам, пред неколку години, на 2 јануари не успеавме да се искачиме заради големо невреме, останавме три дена во Ловечка куќа и дури на 5 јануари успеавме да се искачиме до врвот Пелистер, вели Ставрев.

Планинарски згоди и незгоди

Планината секогаш различна, секогаш убава, инспиративна…но и опасна, и затоа не смее никој неподготвен да планинари низ неа, советува нашиот соговорник.

-Во пресрет на секое искачување правам тренинзи, физички подготовки со искачување до повисоки места за да го подготвам организмот за не така лесно искачување, но и за студ и ветер кои често се несакан придружник. Таа пракса ја применив и овој пат кога пред нова година се искачив до Големо Езеро. Низ планината има згоди и незгоди. Една година кога се искачувавме, на 200 метри од нас се појави голема мечка со две мечиња кои слегуваа од ридот од каде се гледа Преспанско Езеро. Мечката ја фотографирав пред брзо да замине. Низ шумскиот дел забележувам прескокнувања на срни, а последниве неколку години има и диви свињи. Други животни не сум забележал. Во горниот дел на планината нема моликови стебла, а нема ниту животни, и од тој аспект таму е безбедно. По патеката мојот фотоапарат постојано е „на штрек“. Имам многу фотографии, раскажува тој.

-Порано кога фотографирав со филмови, „трошев“ по 4 до 5 филма со околу 100 фотографии, а сега со дигиталните фотоапарати правам по 300 до 400 фотографии на секое искачување. И, да…на секое искачување планината е различна, има други бои, други учесници, сликам планинари кои се со снег или мраз на лицето, не знам колку фотографии сум направил и неможе да се избројат. Знам дека фотографиите со нашите домаќини кога им ја честитам новата година со шампањ се прекрасни…тоа се фотографии со Јонче Илиевски синот на Димитар Илиевски-Мурато кој како што е познато прв се искачи на Монт Еверест, со Ѓорги Костовски-Ѓоката кој учествуваше во Хималајската експедиција во 1989 година кога Македонците првпат се искачија на Монт Еверест, потоа други пријатели со кои се фотографираме, вели Ставрев.

Петар Ставрев на Монблан, на Мусала, на сите балкански и македонски плански врвови

Иако планинар рекреативец, сепак Петар Ставрев ги освоил сите балкански и македонски планински врвови. Според него, најтешко, но и најпредизвикувачко било ноќното освојување на врвот Мусала во Бугарија.

-Знам дека сум ги освоил и се искачив на сите македонски планински врвови. Во 1998 година на Аплпите го освоив Монблан (4.808 м.н.в.), највисокиот планински врв во Западна Европа. Во групата со 26 планинари, на врвот се искачивме 16, а јас меѓу нив бев највозрасен. Потоа, освоив неколку врвови во Италија, на Балканот ги знам сите планини, а на една планина (се потсмевнува, не открива која!?) затекнав една камена плоча на која пишуваше „сега и никогаш повеќе“….се разбира на таа планина сум бил повеќе пати, но не сакам да откријам како се вика. Во една прилика со планинари од скопското планинарско друштво „Кораб“ изведовме ноќно искачување на Мусала, највисокиот планински врв во Бугарија и на Балканскиот Полуостров. Беше тешко. Но, успеав да се искачам. Често бев на планинарските патеки и на планината Пирин кои се многу убави, таму има и околу 180 езера, наспроти на пример, на нашата планина Баба на која има 12 езера, а најпознати се Големо и Мало Езеро или пелистерските очи, компарира Ставрев.

Семејно планинарење

Според Ставрев, традицијата за планинарење што ја воспоставија постарите генерации како што се планинарите Боро Алтипармак, фамилијата Симјановски, Гемтови, Попов и други, ја прифатија Димитар Илиевски-Мурато и неговата генерација како што се Благој Лазаревски, Диме Попов, но, исто така мотивира една нова генерација предводена од Петар Нолев и неговите другари кои постојано се искачуваат на Пелистер.

-Забележувам уште една помлада генерација кои се креативни и често за фотографирање користат дронови, а не како што ние правевме со фотоапарати и опрема која што тежеше. Но, најважно од се е дека традицијата за искачување до Пелистер продолжува, а годинава најмладиот учесник имаше само шест години, вели Ставрев и додава дека пандемијата натера многу повеќе рекреативци да престојуваат во планинските предели.

Според него, битолчани посебно планинареа на Копанки, Нижо Поле, Неолица, Јоргов Камен, Црвени Стени… каде имаше голема раздвиженост и се со цел да уживаат во убавините на планината, да дишат чист свеж воздух и да не мислат на короната.

Марјан Танушевски за МИА