Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски првично откри дека 398 лица во јавните претпријатија во Скопје земале плата, а не доаѓале на работа, но се сомнева дека тој број е и поголем и најави ревизија на работењето на сите јавни претпријатија во градот.
– Имало и работници и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата – тоа се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод – тоа е Луна паркот што треба да го направиме, а го чекаат скопјани, рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ќе бара одговорност од сите што потпишувале документи и одобрувале вакви вработувања, истакнувајќи дека сите имиња ќе бидат јавно објавени.
-Сите што земале плата, а не се појавувале на работа, ќе бидат јавно обелоденети. Такви случаи има не само во Комунална хигиена, туку и во Паркови и зеленило, како и во други јавни претпријатија, но не во толку голем број, рече Шорѓиевски.
Тој додаде дека бркањата од работа на неработниците се законски и дека нема да има толеранција за злоупотребите.
– Додека половина Скопје нема вода за пиење, во Водовод и канализација има четири магацини полни со материјали. Некој тоа свесно и намерно го правел, рече Ѓорѓиевски.
Новиот градоначалник најави целосна ревизија на работењето на сите јавни претпријатија во Град Скопје.




