Во првата половина на ноември 2018 година ќе биде објавен нов јавен повик за користење финансиски средства од ИПАРД 2, соопшти денеска Платежната агенција.
Информацијата за повикот, според Агенцијата, е најава за сите потенцијални апликанти да имаат време да се подготват за поднесување барања.
– Ова значи дека од денеска на сите земјоделски стопанства и преработувачки капацитети им се дава подготвителен период за прибирање на потребната документација за изработка на апликации за поднесување барања за добивање финансиска поддршка од ИПАРД 2 Програмата. Сите заинтересирани може да поднесат барања за инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства, како и за инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи, вели директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.
Повикот за ИПАРД 2 и упатствата за корисниците на средства ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата на Агенцијата до објавување на јавниот повик.
Правилата за користење ИПАРД средства налагаат претходно склучување договор на потенцијалните корисници со Агенцијата и реализација на одобрената инвестиција согласно претходно договорените услови. Контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата и релевантни институции за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и ЕУ.
Деталите за вториот Повик за ИПАРД 2 ќе бидат објавени дополнително, а огласот ќе трае најмалку 45 дена.