Со засадување на над 300 години старо маслиново дрво како симбол на мирот и пријателството, денеска во ТИРЗ Бунарџик беше озачен почетокот на изградбата на објектот на албанската фармацевтска компанија „Саген“, прва албанска инвестиција во слободните зони во Македонија.

Во објектот во Македонија ќе се произведуваат инфузни раствори и генерички лекови од кои најголемиот дел ќе бидат наменети за извоз.

Предвидено е инвестицијата да се реализира во две фази. Во правата фаза ќе се вложат 6,5 милиони евра и ќе се вработат 60 до 70 лица, а во втората инвестицијата ќе достигне до 20 милиони евра, а бројот на вработени до 300.

– Во објектот во Скопје со напредна најсовремена технологија ќе се произведуваат стерилизирани фарамцевтски производи кои ќе можат да се извезуваат насекаде во светот. Ќе има и специјализирана лабораторија што ќе ги исполнува европските стандарди и GMP нормите. Нашето мото ќе биде „Вашето здравје, наша грижа“, рече сопственикот на компанијата Исуф Бербери во својот говор.

Тој нагласи дека „Саген“ е компанија ќерка на „Фарма“, фирма која постои од 1946 година и делува во Албанија и други балкански земји и посочи дека засадувањето на маслиновот дрво е симбол на мирот и пријателството меѓу двете соседни земји.

Премиерот Зоран Заев изградбата на објектот на „Саген“ во ТИРЗ Скопје 1 ја оцени како историски и многу значаен момент.

– Историски е од причина што ја збогатуваме лепезата на фармацевтски производи, овде во Македонија како домашно производство, преку странска инвестиција, но и што имаме сериозен и докажан инвеститор кој доаѓа од пријателска земја, сосед со кој меѓусебно си помагаме во нашите интеграции и аспирации за економски напредок. Сето тоа го прави моментот многу значаен, рече Заев.

Сметајте, додаде, и понатаму на нашата поддршка, заради тоа што инвестицијата е во зародиш, ќе расте и се надевам ќе се разивива онака како што е замислена.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека во последниве недели присуствувал на 15 до 16 слични настани во кои е предвиено да се градат фабрики во кои ќе се вработат 2.000 лица.

– Тоа покажува колку Вадата е посветена на економијата. Предноста на овој објект е што ќе се вработат високостручни лица и што ќе произведува финален производ, рече Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека „Саген“ е уште една од низата убави вести за кратко време што го претставуваат напредокот на Македонија.

– Новата албанска инвестиција ќе овозможи зголемување на извозот на земјава. Планот за економси раст дава резултати и во првите шест месеци од годинава има 327 милиони евра директни странски инвестиции. По референдумот уште позабрзано ќе се почувствуваат плодовите од подобрувањето на економијата. Ќе расте трендот на странски инветиции и ќе се намали бројот на невработени, рече Бектеши.