Длабоко сме загрижени од неодамнешната изјава на владиката Петар во врска со правата на жените и нивната положба во современото општество. Бараме Поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан и Светиот Архиерејски Синод на МПЦ ОА-Јустинијанада го разреши г. Петар од должноста Митрополит и негово целосно расчинување заради повреда на Уставот на Република Македонија и повреда на основните човекови права и слободи, се вели во реакцијата од Платформата за родова еднаквост.
Побараа да се активира и Одлуката на САС на МПЦ за расчинување на Митрополитот г.Петар донесена од Синодот под претседателсво на г.г. Гаврил која е извршна и е стапена во сила на денот на донесувањето 14 јуни 1990 година.
Родовата рамноправност е основно човеково право кое е вградено во меѓународната правна рамка и е од суштинско значење за создавање на еднакво општество. Жените и девојките ширум светот и понатаму се соочуваат со системска дискриминација и маргинализација, а феминистичкото движење, предводено од жени и сојузници, има клучна улога во оспорувањето на штетните родови норми, преку застапувањето за родова еднаквост, се вели во реакцијата.
Од Платформата исто така прашуваат кој му даде на Владиката концесија за телевизија да ги „забавува“ граѓаните со опасна, погубна и отровна идеологија против жените?
Би сакале да го потсетиме Владиката Петар дека правата на жените се човекови права и дека феминизмот и борбата за рамноправност на жените и еднакви можности е клучна за создавање праведно општество. Наместо да го осудуваме феминистичкото движење и да го обвинуваме за општествени прашања, треба да работиме заедно кон креирање на општество кое ја прифаќа различноста, промовира рамноправност и обезбедува прстап кон еднакви можности за сите поединци, додаваат од Платформата за родова еднаквост.
Иако го почитуваат неговото право на сопствени мислења и верувања, сепак не можат да прифатат дека „феминизмот е опасна и деструктивна идеологија“.