На прашање до премиерот Ковачевски, дали планираат како Влада да биде повлечена одлуката на Уставен за зголемување на платите на функционерите или евентуално да го донираат покачувањето, премиерот рече:

„Одлуката на Уставен суд со која се укинуваат одредби од законот за плата е конечна и треба да се почитува. Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Се работи за шпекулации во најголем дел. Замрзнувањето на основицата беше владин став. Пред мене е дописот кој МТСП го достави до генералниот секретаријат на Владата и дописот кој што Владата го доставува до Уставниот суд. Владата останала на своето мислење дека платите треба да останат такви какви што се. Доколку Уставен ги поништеше, а не ги укина членовите, тоа ќе значеше дека на сите функционери во изминатите 11 години ќе требаше да им се исплатат разликите на плата со камата што ќе беше трошок за Буџетот од 100 милиони евра“ рече премиерот Ковачевски.

„Одлуката на Владата е фер и праведно платена работа за сите. Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе има конзистентност за сите функционери. Владата работи и на изработка на нов општ колективен договор. И минималната и просечната плата, како и висината на пензии е на највисоко ниво досега. Секој граѓанин треба да живее достоинствено“ смета премиерот.

За донациите, Ковачевски рече „јас многу пати сум донирал, кај мене има многу благодарници, и како физичко лице, но никогаш со тоа не сум правел пи-ар. За блиска иднина подготвуваме нешто со моето семејство за една здравствена клиника“.

Според него, нема сите избрани и именувани лица да добијат поголеми плати.

„И денес постои неконзистентност во исплатата на плати на функционерите. Има акционерски друштва, разни агенции чии плати на директори се неколкукратно поголеми од платата на пратеник во Собрание. Работиме на нов општ колективен договор за регулација на плати. Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува. Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица. Досегашното замрзнување на основицата беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата е бранет како став пред Уставниот суд, а со нивна одлука се укинува“, рече Ковачевски.