Единаесет лица се удавија оваа летна сезона на албанското крајбрежје, кое страда од недостиг на спасувачи, објави информативниот сајт „Егзит“.
На повеќето плажи во Албанија нема спасувачи или има минимален број на луѓе кои ги набљудуваат туристите, посочува „Егзит“.
Ова е проблем веќе неколку години. Во 2014 година, Националната крајбрежна агенција обучи 41 студент по спорт како сертифицирани спасувачи, но тие никогаш не беа распоредени.
Летото 2021 година, најмалку четири лица се удавија додека пливаа долж албанскиот брег. Претходните години беа забележани повеќе несреќни случаи во текот на целата сезона.
– Според одлука на владата, секое правно лице кое има концесија на површина на плажа мора да обезбеди спасител и набљудувачка кула, но тоа не се спроведува, посочуваат од „Егзит“.
Роберт Нечаи, потпретседател на Албанската федерација на спасувачи, рече дека многу од смртните случаи можеле да се избегнат доколку имало спасувачи на соодветните плажи.
Последен ваков случај беше минатата недела кога се удави 19- годишно момче во обид да ги спаси помалиот брат (15) и неговиот другар.