Се разгледува можноста за зголемено тестирање на населението, како на вакцинираните, така и на невакцинираните, откри министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ и паралелно отфрли било какво сценарио за воведување карантин во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис објасни дека во следните денови надлежната комисија на епидемиолози ќе одржи состанок и ќе бидат соопштени евентуални одлуки, рече дека она што се разгледува е во некој момент да постои тестирање на популацијата, за да може да постои комплетна епидемиолошка слика за земјата.
-И Божиќ ќе славиме и Нова година ќе славиме и бидејќи слушам различни сценарија, не постои размислување да одиме на рестрикции кои ќе упатуваат на локдаун, истакна Плеврис.
Објасни дека во овој момент функционираат според конкретен модел и нема да има промени, односно затворените простори и понатаму ќе бидат само за вакцинирани.
Истакна дека многу важна била одлуката да се намали на три месеци периодот меѓу втората и третата доза, бидејќи во овој момент над 70 отсто од оние кои имаа право да примат трета доза или имаат закажано термин или веќе се вакцинирани.
-Од целосно вакцинираните над 60-годишна возраст, 90 проценти примиле трета доза , а во однос на првата доза, во оваа старосна група, имавме 580.000 невакцинирани лица. Сега, закажале термин или примиле прва доза 120.000 плус 20.000 лица побарале вакцинација во домашни услови, рече министерот за здравство на Грција.
Плеврис објасни дека земјата се наоѓа на крајот од четвртиот бран и е во исчекување на петтиот, на варијантата Омикрон, истакнувајќи дека е важно е да се забави новиот бран, а во таа насока се и мерките воведени вчера, односно задолжителниот тест за влез во Грција, за што рече дека целта е да се ограничат увезени случаи на новиот сој.
Додаде дека со темпото со кое што се движи Омикрон, ќе биде во фокусот во јануари и затоа од сега работиме со модели и вонредни планови.
Вчера, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржал состанок со надлежните министри и епидемиолози за ситуацијата со пандемијата, а според грчките медиуми на маса било сценариото за воведување задолжителен тест за влез во ноќните клубови и барови (кои работат само со вакцинирани) за периодот околу Нова година.