Историчарот на уметноста Том ван дер Молен од Музејот во Амстердам пресметал: од 1343 година имало повеќе од 1500 градоначалници во главниот град и сите биле мажи. Но, со изборот на Фемке Халсема тој машки низ е прекинат, објави денес холандскиот јавен сервис НОС.
Како се случувало да има повеќе од 1500 градоначалници? До крајот на 19.век изборот на градоначалник бил поинаков. Се случувал секоја година, а биле избирани по четири градоначалници. Еден останувал на функцијата, а другите биле нови.
„Тоа било како гаранција за континуитет, тие исто така можеле да бидат повторно избирани, да ротираат, некои дури биле и по 12, или 14 пати избирани“, вели Ван дер Молен, кураторот на Музејот.
Во тоа време жена градоначалник не била опција.
„Најважна работа била да потекнуваш од угледно семејство, да имаш пари, затоа шо тоа била неплатена работа и исто така важна, да си маж, зашто на жените не им била дозволена каква било политичка функција во градскиот совет во тоа време“, вели историчарот.
Тоа се сменило дури во 1917 година кога на жените им било дозволено пасивно гласање, а две години подоцна тие можеле и самите да гласаат.
Најблиску до градоначалничката фотелја била Анемари Јоритсма во 2010 година, а сега конечно тоа и успеало на Фемке Халсема, да стане првата градоначалничка на Амстердам.