ПО ДВЕ ГОДИНИ ЗАБРАНА: Вратени се профилите на Трамп на Фејсбук и Инстаграм

/ 09.02.2023

Неговите профили беа суспендирани поради неговите приврзаници кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година. Корисниците на социјалните мрежи можат повторно да ги видат профилите на поранешниот американски претседател, а последната објава на Фејсбук е снимена токму на денот кога неговите поддржувачи се собраа пред Капитол.

Трамп беше суспендиран од социјалните платформи следниот ден, откако неговите поддржувачи предизвикаа смртоносни немири со упад во законодавниот дом на САД. После тоа, Трамп почна да ја користи сопствената социјална мрежа Truth Social. Технолошката компанија Мета, која управува со Фејсбук и Инстаграм, претходно најави дека ќе ги врати профилите на Трамп по двегодишна забрана, пишува Sky News.

Технолошката компанија соопшти дека ќе воведе нови осигурувања за регистрираните прекршители повторно да не ги прекршуваат правилата. „Во случај г-дин Трамп да објави дополнителни содржини што ги прекршуваат правилата, содржината ќе биде отстранета, а тој ќе биде суспендиран од еден месец до две години, во зависност од тежината на прекршокот“, нагласија од Мета.

Ник Клег, претседателот за глобални прашања на Мета, истакна дека Трамп е слободен да ги користи Фејсбук и Инстаграм „ако сака“, додавајќи дека има „заштитни мерки“ за „да се увери дека игра според правилата“.

„Се обидуваме да постигнеме рамнотежа помеѓу заштитата на луѓето на нашата платформа, осигурувајќи се дека нашите услуги не се користат за да се закануваат вистинска штета, но во исто време мислиме дека американскиот народ треба да слушне од оние кои сакаат да ги водат и не сакаме да застанеме на патот на тоа“, продолжи Клег, поранешен британски вицепремиер.

„Facebook, кој што изгуби милијарди долари во вредност откако го „деплатформираше“ вашиот омилен претседател, штотуку објави дека ми ја враќа сметката. Такво нешто никогаш повеќе не треба да му се повтори на сегашниот претседател, ниту на некој друг што го прави тоа. Не заслужуваат одмазда!“, коментираше Трамп уште во јануари кога најавија враќање на неговите профили.

Твитер профилот на Трамп беше вратен во ноември откако Илон Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари. Маск ја нарече забраната на профилот на Трамп како „грешка“, опишувајќи ја како „морално погрешна“.


Од истата категорија