Мал конвој трактори денеска помина покрај римскиот Колосеум, пред италијанската премиерка Џорџа Мелони да и соопшти на делегацијата на земјоделците дека владата делумно ќе го врати даночното олеснување.

Земјоделците излегоа на улиците во голем број европски земји, вклучително и Германија, Франција, Шпанија и Полска, за да протестираат против ниските откупни цени на нивните производи, високите трошоци за производство, евтиниот увоз и европските регулативи за борба против климатските промени.

Четири трактори украсени со италијански знамиња и слогани против зелената транзиција во придружба на полицијата поминаа низ улиците на Рим, покрај Колосеумот и Circus maximus.

„Оперативните и производствените трошоци се преголеми и бараме одговори. Не сакаме да создаваме проблеми, сакаме само одговори што е можно поскоро“, рече Луиџи Алегрини, еден од демонстрантите.

Земјоделците првично планираа голем митинг во центарот на главниот град, но на крајот се решија на помал протест, сметајќи дека блокадите на улиците или други агресивни тактики ќе ја загрозат поддршката што ја имаат кај јавноста, пишува Ројтерс.