Казахстанците на вчерашниот референдум ги поддржаа уставните амандмани предложени од претседателот Касим Жомарт Токаев, соопшти утринава Централната изборна комисија.
Токаев ја промовираше реформата како чекор кон либерализација на оваа централноазиска земја богата со нафта, поврзана со Русија, иако клучните лостови на моќ ќе останат во негови раце.
Аналитичарите велат дека референдумот може да се сфати како тест за неговата кандидатура за втор претседателски мандат.
Изборната комисија соопшти дека 77,18 отсто од гласовите на референдумот биле за усвојувањ ена амандманите со кои се децентрализира донесувањето одлуки и поранешниот децениски лидер Нурсултан Назарбаев се лишува статусот „национален лидер“.
Излезноста на референдумот изнесуваше 68,06 отсто.
Токаев предложи пакет реформи по неуспешниот обид за државен удар по жестоките немири во јануари во кои имаше над 230 загинати. Овие немири, најсмртоносните од независноста во 1991 година, следеа по мирните протести против поскапувањето на горивото, но се претворија во судири меѓу органите на редот и цивилите.
По усвоениот референдум сега треба да се изменат околу една третина од членовите на Уставот на Казахстан. Токаев вели дека цел на реформите е да се укине сегашниот „суперпретседателски“ режим.
Сепак, претседателот на државата ќе го задржи овластувањето за именување судии и регионални гувернери, како и за распуштање на Парламентот.
Еден од амандманите предвидува роднини на лидерот да не можат да имаат високи функции. Мерка, очигледно насочена кон семејството Назарбаеви.